Меѓународни организации предупредуваат на насилство врз новинарите во Србија
Седум меѓународни новинарски организации изразија сериозна загриженост поради зачестените закани и напади врз независни новинари во Србија и побараа од властите да стават крај на неказнивоста на сторителите, јавува Фар.рс.
Платформата „Mapping Media Freedom“ од почетокот на 2026 година регистрирала 31 онлајн смртна закана насочена кон 44 медиумски работници. Меѓу речиси секојдневно малтретираните се Веран Матиќ, Марко Видојковиќ, Ненад Кулачин, Динко Грухоњиќ и Предраг Симоновиќ, а закани добивале и нивните семејства и деца.
Поради безбедносни причини, Видојковиќ и независниот новинар Александар Радиќ биле принудени да ја напуштат земјата. Организациите нагласуваат дека во 2026 година сè уште нема ниту еден целосно завршен случај.
Посебно е критикуван одговорот на српското Републичко јавно обвинителство од 17 август за заканувачки изјави кон новинари во парламентот, меѓу кои и изјавата на министерот за култура дека „на Грухоњиќ треба да му се случи нешто лошо“.
„Независните новинари повеќе не се безбедни во Србија“, предупредија организациите, барајќи гонење на сторителите, јавна осуда на опасната реторика и заштита на медиумските работници.
Соопштението го потпишаа Европската и Меѓународната федерација на новинарите, „Репортери без граници“, „Free Press Unlimited“, Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите, „Index on Censorship“ и „Osservatorio Balcani Caucaso Transeuropa“.

