МЕЉА: СОСТОЈБАТА СО КОВИД-19 ВО ДЕБАР НЕ СЕ СМИРУВА
Состојбата со Ковид-19 во Дебар, вклучително и општина Центар Жупа, не се смирува, како што тоа е во други општини, изјави за МИА, Ментор Меља, раководител на Работната единица на Центарот за јавно здравје, која со својата активност ги покрива двете општини, пренесува Канал 5.
Додава дека меѓу новозаразените во последните десеттина дена има и лица – печалбари, кои во родниот крај по традиција доаѓаат за божикните и новогодишни празници од западноеропските земји, главно Италија, каде што живеат и работат.
-За жал продолжува непочитувањето на мерките и протоколите. Преполни се кафулињата, маркетите, редиците луѓе пред банките, групирањето по домови, без при тоа да се почитуваат пропишаните мерки за заштита. Апелираме до сите да бидат внимателни и строго да ги почитуваат мерките, зашто само така ќе можеме да се заштитиме, вели Меља, кој е епидемиолог.
Во Инфективното одделение при Општата болница со проширена дејност во Дебар моментно се хоспитализирани 10 лица сите на кислородна подршка, што е поголема бројка од крајот на декември, кога имаше пет пациенти.
Споредено со крајот на декември, поголем е и бројот на оние кои амбулантски се лекуваат. Дневно во просек дваесеттина паценти добиваат терапија, одмараат кусо и заминуваат во нивните домови.
Битката со опасниот вирус синоќа ја загуби уште еден дебранец, со што бројот на починатите се зголеми на 27, речиси по ист број од двете општини, каде од почетокот на пандемијата опасниот вирус е дијагностициран кај 641лице.