МЕРКЕЛ И МАКРОН СО РАЗЛИЧНИ СТАВОВИ ЗА КЛУЧНИТЕ ПОЗИЦИИ НА ЕУ
Франција и Германија не се согласиле за тоа кој треба да застане на една од клучните позиции на ЕУ, на состанокот вчера во Брисел, кој следи по парламентарните избори.
Германската канцеларка Ангела Меркел сака централно-десничарскиот кандидат Манфред Вебер да биде претседател на Европската комисија, но францускиот претседател Емануел Макрон не се согласува со тоа, како што пренесуваат светските медиуми, Макрон не го ни споменал името на Вебер како можен избор за наследник на Жан Клод Јункер.
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, изјави дека идниот претседател на комисијата мора да има поддршка од квалификувано мнозинство во Европскиот совет и мнозинство во Европскиот парламент. Тој изјави дека на состанокот не се разговарало за имиња туку за процесот на избор на кандидат.
„Тоа значи дека во согласност со европските договори не може да има автоматизам. Истовремено, никој не може да биде исклучен. Тоа што некој е водечки кандидат не значи дека е дисквалификација туку може само да ги зголеми нивните шанси“, изјави Туск.
Додал дека на состанокот се разговарало и за потребата при изборот на водечките позиции во ЕУ, да се задоволат географските и родни критеруми, како и критериумите на политичка припадност.
Состанокот на лидерите на ЕУ се одржа синоќа во Брисел зад затворени врати, без мобилни телефони и без советници, што беше можност да се разговара за новите политики на Унијата и за тоа кој ќе ги наследи високите позиции.
Извор: Макфакс
