| |

МИЦЕВСКИ: ВЛАСТА ЈА СПАСИ КАТИЦА ЈАНЕВА ОД РАЗРЕШУВАЊЕ

,,Денес на очиглед на целата македонска јавност власта ја спаси осомничената Катица Јанева од разрешување.На денешниот предлог од страна на ВМРО-ДПМНЕ, да се стави на дневен ред како прва точка, разрешувањето на осомничената специјалната обвинителка Катица Јанева, парламентарното мнозинство предводено од СДСМ го одби овој наш предлог, со што се стави на страната на заштита на Јанева, изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, ова покажува дека нивните сомневања за координација и синхронизација помеѓу Катица Јанева, Владата на Зоран Заев, обвинителката Вилма Рускоска и државниот јавен обвинител Љубомир Јовески се дел од планот за спас на Катица Јанева и високи функционери од државниот врв.

,,Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ денеска наместо на страната на правдата застана во одбрана на криминалот и рекетот. Дали заштитата на Катица Јанева од страна на СДСМ и Зоран Заев е индиректно заштита на високи функционери на власта кои што учествувале во оваа најголема досега криминална афера со оглед на тоа дека Катица Јанева има информации кои што ќе ја докаже вмешаноста на државниот врв во аферата „Рекет“.

Со гласањето против да се стави точката за разрешување на Катица Јанева на дневен ред падна маската на СДСМ дека се за правда и дека законите важат за сите подеднакво. Денес, покажаа и уште подлабко го поткопаа правниот систем на Република Македонија и дека единствено што ги интересира е како да се амнестираат за сопствените криминали.

За да запре ова самоволие и уништување на правната држава од страна на Зоран Заев и СДСМ, го повикуваме господинот Талат Џафери, денес да закаже итна седница на која што единствена точка на дневен ред ќе биде разрешувањето на специјалната обвинителка Катица Јанева со оглед на тоа дека оваа точка веќе помина со едногласна одлука за разрешување на Комисијата за прашања за изборите и именувањата.Апелираме до господинот Џафери, СДСМ и пратениците од парламентарното мнозинство да престанат со тактизирање и глумење на борци за правда и правна држава и уште денес осомничената Катица Јанева да биде разрешена од нејзината функција за да може да се остави простор до 15 септември да се избере нов специјален обвинител”, рече Мицевски.

Денеска на пленарна седница во Собранието, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со образложение дека предлог одлуката е едногласно изгласана од сите пратеници и од сите пратенички групи на Комисијата за прашања на изборите и имнувањата што се одржа на 5 септември и поради фактот дека оваа седница е последна во законскиот рок за истекување на мандатот на обвинителката. Предлогот беше одбиен.

Извор: Макфакс



Слични Објави