|

Мицкоски: Аферата „Паразити“ покажува нефер третман на власта кон народот, додека луѓето се борат за гол живот, слепите послушници на власта стануваат милионери на нивен грб

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за порталот Република вели дека со аферата Паразити кои што деновиве ја обелодени партијата се покажува нефер третманот на власта кон народот бидејќи додека граѓаните едвај сврзуваат крај со крај, луѓе како што ги нарече тој слепи послушници на власта енормно се богатат.

-Таа афера покажува практично еден нефер третман кон граѓаните во Македонија бидејќи додека секој просечен човек едвај врзува крај со крај од први до први. Има една мала група на власт која што практично на грбот на сите граѓани енормно се богати, има огромни примања, додека пак од владата има најави дека ќе ги намалувале платите, ќе ги намалувале паушалите, ќе ги намалувале хонорарите во некои јавни претпријатија, во некои агенции кои што се генерално под владата, а од друга страна гледате како луѓе слепи послушници на владата се богатат и стануваат милионери би рекол во еден мандат, а најголем дел од нашите сограѓани преживуваат, посочи Мицкоски.

Според Мицкоски аферата „Паразити“ го покажува лицемерниот однос на најнеуспешната по сите параметри владата на СДС и ДУИ кон граѓаните.

-Тоа е еден лицемерен однос, двојни стандарди на владата кон граѓаните и сето тоа го покажува вистинското лице на оваа влада на СДС и ДУИ. Влада која што е по сите параметри најнеуспешна во независна Македонија, но би рекол и најманипулативна од две причини. Првата има работи кои што ги прават со намера, и има работи кои што не знаат да ги прават и сето тоа ако се обедини во еден мозаик тогаш доаѓаме до оваа афера Паразити, истакна тој.

На прашањето колку вакви паразити има, претседателот Мицкоски рече дека ќе продолжат да ги обелоденуваат имињата и очекува од нив морална и етичка одговорност и ќе побараат намалување на платите.

-Периодот кој што следи ќе бидат објавувани такви имиња и се надевам дека дел од тие луѓе ќе почувствуваат било каква морална и етичка одговорност и ќе побараат намалување и солидарност за останатите 99,9 проценти граѓани во Македонија, рече Мицкоски.

Слични Објави