Мицкоски: Царинската управа поставува нови стандарди, над 12 милијарди денари приходи во еден месец
Во изминатите 20 месеци, Царинската управа ги бележи најдобрите резултати во своето постоење. Остварени се највисоки приходи досега, што е јасен показател дека институцијата функционира поефикасно, поорганизирано и со поголема одговорност, истакна премиерот Христијан Мицкоски, на одбележувањето на годинишнината од постоењето на Царинската управа.
Особено значаен е фактот, според Мицкоски, што за првпат е надмината границата од 12 милијарди денари приходи во еден месец. Тоа, како што рече, е резултат кој не доаѓа случајно, туку е производ на системски пристап, засилени контроли и подобра координација.
„Овие резултати се дел од пошироките напори на Владата, која веќе 20 месеци работи на воспоставување ред во институциите, на намалување на сивата економија и на зголемување на ефикасноста во наплатата на приходите.
Кога ја презедовме одговорноста, не наследивме систем кој функционира беспрекорно. Напротив – затекнавме состојба на хаос, нарушени процеси и сериозно ослабена институционална поставеност. Систем кој со години бил запоставуван и руиниран.
Но денес, со право можеме да кажеме дека таа фаза е надмината. Нормализацијата е завршена. Поставен е ред, воспоставени се правила и институцијата повторно функционира како што треба- во служба на државата и граѓаните“.
Целта на Владата како што истакна е да се продолжи во иста насока, „со дополнително унапредување на капацитетите, со модернизација на системите и со создавање услови за побрза и поефикасна услуга за стопанството, но и со цврст пристап кон спречување на нелегалните активности.
„Зад овие резултати стои трудот на сите вработени во Царинската управа. Вашата работа е значајна и видлива, а придонесот што го давате е од суштинско значење за функционирањето на државата.
Во име на тоа би сакал да Ви се заблагодарам за вашата посветеност и професионалност.
Нека овој јубилеј биде поттик за уште поголеми резултати во периодот што следи“, посочи Мицкоски.

