Мицкоски до Филипче: Правиме напори договорот за Бехтел и Енка да го декласифицираме, Владата на СДСМ и ДУИ си наплатила провизија за изградба на коридорите, а ништо не изградиле
„Коридорите 8 и 10д биле дел од програмите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Владите на ВМРО-ДПМНЕ многу долго време, можеби биле дел и од програмите на СДСМ. И логично е да бидат, бидејќи станува збор за политички партии кои што одат на избори со понудата и кажуваат што треба да им понудат на граѓаните. Но, она кое што е важно да се каже е дека тоа што вие го направивте посебно во проектот кој што вие го нарековте Бехтел и Енка, јас ќе го наречам за изградба на коридорот 8 и 10д најпрво беше срам и понижување кон министерот тогашен за транспорт и кон тогашниот премиер кој што ја водеше Владата. Вие не бевте во таа влада но има кои што биле, ги доведовте до подредена положба да им се смеат и со нив да си играат мајтап вашите коалициони партнери во тогашната влада кои што играа фудбалчиња во канцеларија, на начин на кој што овде во Парламентот носевте закони кои што немаат никаква врска со европските закони, ги злоупотребувавте и европските вредности и македонското право и Устав. И тогаш го злоупотребувавте европското знаме, впрочем тоа вас ви е и навика, со едната рака да правите вака, со другата да мавтате со европското знаме. Тоа е карактерна особина на СДСМ и коалицијата 7 години“, му порача премиерот Христијан Мицкоски на лидерот на СДСМ. Венко Филипче на денешната собраниска седница за пратенички прашања.
Мицкоски истакна дека бил против тоа да се трошат парите на граѓаните, укажувајќи дека во време на владата на СДСМ и ДУИ се потрошени 350 милиони долари, а не е направен ниту еден милиметар од изградбата на коридорите.
„И да бевме против тоа. И ден денеска сме против тоа. Две години стоеја потрошени околу 350 милиони долари, ниту милиметар не беше поместена трасата, имотно правни односи би рекол неколку 10-тици парцели и многу основани сомневања за злоупотреба на буџетски пари. Тоа што злоупотребувате европско знаме, тоа што мислевте тоа е решението, а ве предупредувавме не е тоа решението, треба да се засукаат ракавите и да се работи, вие мислевте дека на тој начин сте ја завршиле работата, и готово ќе им се допаднеме на меѓународната заедница и повторно ќе бидеме Влада. Ете видовте до каде ве дотера таа политика, 18 пратеници“, рече Мицкоски.
Во однос на договорот за Бехтел и Енка, Мицкоски нагласи дека тој договор е класифициран, но се проверуваат сите можности и се прават напори истиот да се декласифицира за да може да се покаже пред македонската јавност и да се увиди дека сè што тој претходно зборувал е точно.
„Бехтел и Енка е класифициран документ, и ги проверуваме сите можности договорот со Бехтел и Енка да го декласифицираме и да го покажеме на македонската јавност. Но, она што можам да го кажам дека сите оние основани тврдења кои што ги имавме во опозиција се точни. Сите“, додаде Мицкоски.
Кажа дека како Влада имале две опции од кои едната да се прекине изградбата и да се плаќаат пенали исто како што се плаќале пенали за сите претходни договори и концесии кои што СДСМ и ДУИ ги укинале и долгови кои што ги оставиле или да продолжи со работи и да се гради.