| |

ЗАЕВ: ИМАМЕ СЕРИОЗЕН ИСЧЕКОР ЗА ЗАКОНОТ ЗА ДРЖАВЈАНСТВО, ИДНАТА НЕДЕЛА МОЖЕ ДА ОДИ ВО ПАРЛАМЕНТ

Премиерот Заев и лидерите на албанските опозициски партии Села и Гаши оптимисти дека ќе се постигне конечен договор за Законот за државјанства до крајот на неделава. По два и пол часовната средба во Собранието сите тројца оценија дека се на добар пат за усогласување на законскиот текст поради кој албанската опозиција изминатиот период ја блокираше работата на Собранието.

Заев рече дека се најдени механизми, а решенијата ќе се бараат во намалување на годините за стекнување на државјанство според европските пракси. Сега на потег се експертите од МВР да ги анализираат за да се преточат во законско решение, тврди премиерот.

Во насока на одблокирање на законодавниот дом, Села и Гаши ги повикаа опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица уште денеска да ги повлечат амандманите на Законот за државјанство, а за возврат албанската опозиција ќе ги повлече амандманите на петтиот антикризен пакет мерки. Според денешните изјави, албанската опозиција ќе прифати наместо со сведоци, државјанство да се добива со документи како докази за живеење во Македонија.

Сите политички претставници денеска излегоа со различни податоци околу вкупната бројка на граѓани без државјанство. Од ДУИ го обвинија Села дека манипулира со бројките на Албанци и не станува збор за 70 или 7 илјади туку за 1.300 Албанци кои немаат државјанство. Според Заев, станува збор за 2.727 барања за 3.200 државјанства.



Слични Објави