МИХАИЛ ТРЕНДАФИЛОВ- НАНЧЕ ДО ОХРИЃАНИ: НЕМАМЕ ДРУГА ОПЦИЈА ОСВЕН ПОБЕДАТА

„Немаме друга опција освен победата“ – тоа им го порача на охриѓани кандидатот за градоначалник од редовите на Граѓанско Демократска Унија, Михаил Трендафилов- Нанче.

На средбата со граѓаните која се одржа во ресторанот „Белведере“, Нанче беше дециден дека Охрид е прекрасно место во кое сите можат да живеат убаво, ако работат напорно и ако локалната самоуправа се грижи за своите граѓани. Нанче го нарече Охрид последниот бастион на Македонија, и истакна дека со неговата победа ќе им се покаже црвен картон на големите политички партии, кои и покрај тоа што имале 28 години да направат нешто за Охрид, не направиле ништо и на овие избори наместо визии и проекти, раскажуваат приказни за асфалтирани улици, реновирање на плоштади и други обврски, кои градоначалникот треба да ги извршува без поголема помпезност.

Пред присутните граѓани се обрати и претседателот на ГДУ, Петар Колев, кој го насочи своето внимание кон тоа зошто Михаил Трендафилов- Нанче е кандидат за Охрид. Колев, исто така им порача на младите да не забораваат дека Охрид мора да остане нивното место и мора да донесат одговорен избор за тоа кој ќе биде следниот татко на градот. Во своето излагање, Колев, го претстави Нанче како човек кој започнал од ништото и успеал да изгради свој сопствен приватен бизнис. Спомна за неговата посветеност во работата , способност и чесност со кои успеал да изгради авторитет и добро име пред неговите сограѓани охриѓани. Колев отворено им кажа на охриѓани дека тие најдобро го познаваат Нанче и ја побара поддршката за единствениот човек кој може да ја донесе преродбата во најубавиот македонски бисер.

Средбата во ресторанот „Белведере “помина во пријателска атмосфера во која сите присутни во отворен разговор можеа да ги претстават и да добијат одговор за своите проблеми. Кандидатот на ГДУ, не изневери на својот стил и со пријателски тон одговори на сите прашања.