| |

МИЈАЛКОВ ВО ПРИТВОР ВО „ШУТКА“, ЈАКИМОВСКИ ВО ДОМАШЕН ПРИТВОР

Судијката Џенета Бегтовиќ соопшти дека Судечкиот совет одлучил Сашо Мијалков да замине во притвор, наместо во куќен притвор, откако обвинителката Ленче Ристоска побара ефективен притвор, по изрекување на првостепената пресуда за „Таргет-Тврдина“. Притворот ќе го издржува во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.

„Се укинува мерката куќен притвор. Се определува мерка притвор до правосилноста на пресудата, но најдолго 60 дена. Против него е поднесен обвинителен предлог, па согласно Законот за кривична постапка (ЗКП), притворот може да трае најмногу 60 дена“, информираше судијката Бегтовиќ.

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, денеска беше осуден на 12 години затвор во предметот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува на масовното незаконско прислушување на над 20.000 граѓани. Во истиот предмет осудени се и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска – на 4 години затвор, високиот поранешен функционер во УБК, сега во бегство, Горан Грујевски, на 15 години затвор, Надица Николиќ, поранешна началничка во Министерството за внатрешни работи – 3 години, поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски на 6 години и поранешниот висок службеник на УБК, сега во бегство, Никола Бошковски, на 15 години затвор. Маријан Шумуликовски доби две години условна казна, Силвана Златкова две години условна казна, Васил Исаковски две години условна казна и Валентина Симоновска е осудена на условна казна.

Пресудата за „Таргет-Тврдина“ е првостепена, а странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд.



Слични Објави