| |

Министерката за надворешни работи во Бугарија ќе ја повика руската амбасадорка ако има докази дека нападот врз двата трговски брода во Црното Море е руски

Ако има јасни докази дека нападот врз двата трговски брода во исклучивата економска зона на Бугарија во Црното Море е руски, министерката за надворешни работи во Бугарија, Велислава Петрова, ќе ја повика руската амбасадорка Елеонора Митрофанова. „Ако имаме јасни докази дека тоа е така, се разбира дека ќе се случи“, изјави министерката пред новинарите пред почетокот на Меѓународната министерска конференција за Коридорот 8, јавува БТА.

При нападот едниот брод потона, а другиот се запали. Директорот на „Авариско-спасувачка дејност“ при Извршната агенција „Поморска администрација“, Румен Николов, вчера соопшти дека не се пронајдени морнари од потонатиот брод и дека операцијата за пребарување и спасување е прекината.

„Важно е да ја добиеме потребната помош за да се изврши проверка на самото место. Колку што разбирам од колегите, многу е специфично и тешко да се изврши проверка на брод што тоне. Се надевам дека ќе ја имаме потребната опрема за да се спроведе тоа и да добиеме јасни факти и докази за тоа кој точно е одговорен“, коментираше министерката.

На прашањето дали имало контакт со Украина, Велислава Петрова одговори дека, до утврдувањето на главниот извршител, комуникацијата се одвива на ниво на безбедносните служби и министерствата за одбрана.

„Колегите што работат на случајот се во постојан контакт со своите колеги од украинска страна, но она што го немаше е потврда од наша страна дека нападот е руски, како што се тврдеше. Тие одржуваат контакт со сите страни што можат да имаат некакви информации – како со Романија, така и со Украина“, објасни министерката за надворешни работи.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на денот на нападот изјави дека сите податоци се усогласени со бугарската страна.

„Нашите поморски сили стапија во контакт со своите колеги во Бугарија. Утврдено е дека станува збор за руски комбиниран напад со поморски и воздушни дронови“, изјави украинскиот претседател, цитиран од Укринформ.

Слични Објави