МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ ГО ПОСЕТИ ПАЦИЕНТОТ НА КОГО МУ Е ТРАНСПЛАНТИРАНО СРЦЕ

Синоќа, за првпат во нашата земја е изведена трансплантација на срце, односно трансплантација од починат донор, пренесува Канал 5.

Првата кадаверична трансплантација на срце, односно трансплантација од починат донор, ја изврши тим од тројца кардиохирурзи под водство на проф. д-р. Сашко Јовев од државната кардиохирургија, акад. д-р. Жан Митрев од „Жан Митрев Клиника”, проф. д-р. Александар Николиќ од болницата „Аџибадем Систина” и анестезиологот д-р. Маја Мојсова од Универзитетска Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување, воедно и национален координатор за трансплантација.

Информацијата за успешно извршената трансплантација е споделена и на ФБ на Универзитетската Клиника за државна кардиохирургија.

– Доцна во ноќта додека градот спиеше во 02:43 часот зачука срце…..Во Република Македонија, на Универзитетската Клиника за Државна Кардиохирургија се направи ПРВА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА на СРЦЕ !! Вредните раце и паметните глави на нашите врвни стручњаци на чело со Проф. Др. Сашко Јовев, во оваа вонредна состојба направија чудо….испишаа историја !! Во услови на пандемија, во услови на страв, во услови на безнадежност … победи хуманоста и љубовта. Победи цената за сите оние непреспиени ноќи над книга, победи секоја солза и тага за загубен живот, победи вистинска посветеност, да се биде ! Хируршкиот тим со извонредна професионалност, прецизност и внимание го изведе ова ремек дело, a кога би ги претвориле сите оние милиметарски потези во ноти, во операционата сала број 2, оваа ноќ свиреше симфонијата “Живот” ! Честитки Господа !!!, пишува на Фејсбук страницата на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија