Министерот за одбрана и началникот на одбраната ги пречекаа последните два авиона F-16 Block 70 во Бугарија
Министерот за одбрана на Бугарија Атанас Запрјанов и началникот на одбраната, адмирал Емил Ефтимов, ги пречекаа последните два авиона испорачани според првиот договор со „Локхид Мартин Аеронаутикс“ за набавка на F-16 Block 70 во Република Бугарија. Авионите слетаа на бугарско тло во Третата воздухопловна база во селото Граф Игнатиево, соопшти прес-службата на Министерството за одбрана, пренесува БГНЕС.
Двата борбени авиона – едносед и двосед – долетаа во Бугарија со ознаките на Воздухопловните сили на САД. По слетувањето во Третата воздухопловна база, тие ќе бидат заменети со ознаките на бугарските Воздухопловни сили.
Авионите беа пречекани и од заменик-командантот на Воздухопловните сили, бригаден генерал Димитар Георгиев, вршителот на должноста командир на Третата воздухопловна база, полковник Методи Орлов, претставници на Воздухопловните сили на САД во Европа и Африка, како и на Амбасадата на САД во Бугарија.
Бугарските Воздухопловни сили ќе располагаат со една ескадрила F-16 Block 70, откако ќе бидат испорачани уште осум авиони согласно вториот договор со „Локхид Мартин Аеронаутикс“.

