| |

Режимот на Орбан ги блокира заклучоците на Советот на ЕУ за земјите кандидати

Режимот на унгарскиот премиер Виктор Орбан ги блокираше заклучоците на Советот на Европската унија за земјите кандидати, ова го соопшти претседателката на Советот „Општи работи“, Мари Бјере, министерка за европски прашања на Данска, јавува БГНЕС..

Денешното усвојување на заклучоците на министерско ниво требаше да биде консензусна последна фаза пред конечната, стратешка и обврзувачка политичка одлука на состанокот на Европскиот совет (шефовите на влади на земјите членки), закажан за 18 и 19 декември.

„Наместо тоа, ќе го трансформираме нацрт-заклучокот на Советот во заклучоци на Претседателството (на Данска), со поддршка од 26 земји членки“, објасни Бјере.

Во последните месеци Унгарија се спротивставува на европската интеграција на Украина.

Неколку држави изразија загриженост дека денешната одлука на Будимпешта испраќа погрешен сигнал до земјите кандидати.

„Сакаме тие да го изберат ЕУ, а не Русија“, изјави Бјере, изразувајќи жалење, бидејќи дел од кандидатите постигнале значителен напредок.

БГНЕС потсетува дека во нацрт-заклучоците Советот наведува дека Северна Македонија сè уште не ги усвоила уставните измени на кои се обврзала, потсетувајќи на заклучоците од јули 2022 година.

„Советот ја потврдува својата подготвеност да свика нова меѓувладина конференција, без дополнителни одложувања или нови политички одлуки, веднаш штом Северна Македонија го исполни овој ангажман во согласност со своите внатрешни процедури“, се наведува во документот.

Во нацрт-заклучоците се посочува дека Советот е подготвен да го отвори првиот преговарачки кластер што е можно поскоро, во согласност со Преговарачката рамка. Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи и на процесот на проширување и на Процесот за стабилизација и асоцијација.

„Советот ја нагласува важноста од постигнување опипливи резултати и добронамерна примена на билатералните договори, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, во согласност со Преговарачката рамка. Советот го поздравува и неодамнешниот напредок во однос на железничката врска по транспортниот Коридор бр. 8, кој има стратешко значење, и очекува ефикасно спроведување на преземените обврски. Советот, исто така, ја повикува Северна Македонија да ги засили своите напори и да ги спроведе реформите, особено во областа на владеењето на правото, каде што во изминатата година не е забележан напредок“, се наведува во нацрт-документот, блокиран од Унгарија.

„Северна Македонија треба да ја гарантира независноста и интегритетот на судството, вклучително и преку зајакнување на Судскиот совет во согласност со препораките на мисијата за експертска проценка од 2023 година и мислењето на Венецијанската комисија. Борбата против корупцијата и организираниот криминал треба да биде засилена. Северна Македонија треба да ги подобри своите резултати преку ефикасни истраги, кривични гонења, конечни судски одлуки и конфискација на криминален имот во случаи на корупција на високо ниво“, се наведува во нацрт-заклучоците.



Слични Објави