| |

НА КЕЖАРОВСКИ НЕМА ДА МУ СЕ СУДИ ВО СЛУЧАЈОТ „ЛИКВИДАЦИЈА“

Обвинителката од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Марија Ѓорѓева, на денешното рочиште во предметот „Ликвидација”, рече дека настапила апсолутна застареност за кривичните дела за обвинетиот судија Валентин Зафиров, новинарот Томислав Кежаровски, адвокатот Сашко Лазаров и Јане Павловски.

Ѓорѓева кажа дека од денот на извршување на кривичните дела, до денешното рочиште настапила застареност на кривичното гонење.

За велешкиот обвинител Ивица Ефремов и судијата Иле Танев, обвинителката побара постапката да продолжи. За Ефремов застарело само делото за противзаконско посредување, а ќе му се суди за незаконско изработување оружје.

Кежаровски изреволтирано рече дека не му треба примена на поблаг закон и застарување на обвинението за него, туку ослободителна пресуда.

“Ве замолувам прочитајте го обвинението. Во МВР да слават дека овде има криминалци…”, рече Кежаровски.

Судијата Осман Шабани рече дека има законски пречки за постапување, апсолутната застареност на судењето.

Адвокатот на Валентин Зафиров, Љубомир Михајловски Џанго, рече дека е жално ваков предмет да заврши со застарување и дека му е направена ненадоместлива штета и кажа дека се надеваат дека ќе има контрадикторна постапка каде ќе ја докажат неговата невиност.

“Десет години е траума голема”, кажа Михајловски.

Случајот „Ликвидација“ го отвори МВР во време на владењето на ВМРО-ДПМНЕ, а го застапуваше обвинителката Лиле Стефанова. Им се судеше на судии, адвокат, обвинител и новинар и заврши со правосилна пресуда со која сите осуммина обвинети со правосилна судска одлука беа прогласени за виновни, а Врховниот суд годинава ги укина пресудите и предметот го врати на повторно судење.

Обвинетите беа правосилно осудени за противзаконско посредување, за злоупотреба на службената положба и овластување, одавање информации и податоци за сведоци, соработници на правдата.

Сите трошоци за постапката ќе паднат на товар на буџетот на држвата.

Извор: Макфакс



Слични Објави