| |

ДИМОВСКИ БАРА ДЕКЛАСИФИКАЦИЈА НА ИЗВЕШТАЈОТ ЗА КАТИЦА ЈАНЕВА

Претседателот на Комисијата за избори и именувања, Илија Димовски, изјави дека извештајот за специјалната обвинителка Катица Јанева, кој е испратен од Советот на јавните обвинители до Собранието, треба да биде декласифициран и јавноста да присуствува на комисиската расправа за нејзино разрешување.

„Мој личен став е дека Советот на јавните обвинители треба да го декласифицира извештајот за специјалната јавна обвинителка. Комисијата треба да се одржи со присуство на јавноста. На тој начин ќе се зголеми довербата на граѓаните во Собранието и правосудниот систем“, рече Димовски.

Тој додаде дека првично извештајот на 30 август до Собранието пристигнал без класификација, но еден ден подоцна, односно на 31 август, стигнал нов допис од Советот на јавните обвинители со кој се информира Собранието дека материјалот е класифициран.

Димовски информира дека и доколку не се декласифицира извештајот, Комисијата има капацитет да одлучува веднаш бидејќи само тројца членови не поседуваат сертификат за класифицирани информации и тие може да се заменат со заменик-членовите што го поседуваат сертификатот, а воедно и да не биде нарушен соодносот на членови од политичките партии.

Сепак, според законот и Деловникотм членовите на Комисијата ќе одлучуваат дали седницата ќе биде отворена или зад затворени врати. За оваа одлука потребно е двотретинско мнозинство, односно девет пратеници да гласаат за присуство на јавноста на седницата.

Димовски исто така информира дека, покрај препорака на Комисијата, за разрешување на Јанева потребно е согласнот и од четирите најголеми парламентарни партии.

„Постапката е идентична како и за именувањето. Потребно е согласнот од 4 најголеми партии во Собранието. За тоа ќе доставам писмено барање до претседателот на Собранието, Талат Џафери, да ме извести кои се тие четири партии“, рече Димовски.

Седницата на Комисијата за избори и именувања ќе биде закажана в четврток.

Извор: Макфакс



Слични Објави