Бугарскиот главен град Софија го слави својот ден на празникот Вера, Надеж и Љубов
Православната црква на 17 септември го одбележува споменот на Светите маченички Софија, Вера, Надеж и Љубов, а истиот ден бугарскиот главен град Софија го слави и својот празник, јавува БГНЕС.
Според преданието, Софија била христијанка која живеела во Рим во втората половина на I век и своите три ќерки – Вера, Надеж и Љубов – ги воспитувала во христијанската вера. За време на владеењето на императорот Адријан, девојчињата биле подложени на мачење откако одбиле да принесат жртва на божицата Артемида и починале од последиците од измачувањата.
Софија ги погребала своите ќерки, а три дена подоцна починала и самата. Црквата ја почитува како маченичка поради страдањата што ги преживеала како мајка. Моштите на Софија, Вера, Надеж и Љубов од 777 година се наоѓаат во Алзас, Франција.
На овој ден именден слават Вера, Верка, Надежда, Нада, Љубов, Љуба, Љубен, Љубомир, Љубомира, Софија и Софка.

