| |

Министерството за култура на Р. Бугарија обновува награда за поезија и публицистика во името на Христо Ботев

Министерството за култура (МК) на Р. Бугарија обновува награда што го носи името на Христо Ботев. За таа цел, тимот на секторот за култура изработи предлог за формирање на специјална награда за поезија и публицистика по име Ботев, која досега не била доделена. Општина Враца со години доделуваше Ботева награда, но таа е регионална и не соодветствува со статусот, авторитетот и важноста што нашиот национален гениј, како обединувачка и консензуална личност, го има за бугарското општество и за нашиот национален идентитет, се вели во пораката од МК на Р. Бугарија.

Воспоставувањето на наградата за поезија и публицистика со името на Христо Ботев е предвидено со изменување и дополнување на Наредба бр. 2 од 11 Април 2007 година на министерот за култура за наградување на бугарски културни дејци за постигнати високи творечки резултати или придонес во развојот и популаризацијата на културата.

МК на Р. Бугарија предлага наградата „Христо Ботев“ за поезија и публицистика да се доделува еднаш на две години од министерот за култура. Апликациите ќе ги разгледува експертска комисија, вклучувајќи претставници на Бугарската академија на науките, Сојузот на бугарските писатели, Сојузот на преведувачи во Бугарија, Националната библиотека „Свети Кирил и Методиј“, Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, Националниот литературен музеј и Националниот музеј „Христо Ботев“ во Калофер.

Нововоспоставената награда ќе се доделува во две категории – „Значаен придонес во развојот и популаризирањето на бугарската поезија“ и „Високи творечки резултати во популаризирањето на бугарската поезија или публицистика за изминатиот период“.

Предлогот, доставен на јавна расправа, е да се подготват специјална статуетка или плакета кои ќе се доделуваат, а наградата да биде во паричен износ од 20 000 лева. Добитници на одликувањето може да бидат поети со значаен придонес во развојот и популаризирањето на бугарската поезија, како и поети и публицисти кои постигнале високи резултати во популаризирањето на бугарската поезија или публицистика.

Целта не е само да се воспостави оваа награда, туку и да се претвори во најавторитетната награда за поезија и публицистика кај нас и заслужено признание на талентирани луѓе за нивната лојалност кон делото и идеалите на Ботев, додава МК.



Слични Објави