Мисајловски на 25-годишнината на SEEBRIG: Соочувајќи се со најразлични безбедносни предизвици имаме мотив да ги јакнеме одбранбените капацитети
Денеска во касарната „Боро Менков“ во Куманово се одржа свеченост по повод одбележување на 25 – годишнината од формирањето на Бригадата на Југоисточна Европа – SEEBRIG, еден од најзначајните проекти на Иницијативата за соработка на министрите за одбрана на Југоисточна Европа – SEDM.
На свеченоста се обрати министерот за одбрана, Владо Мисајловски, кој изрази благодарност до Командантот SEEBRIG и до сите поранешни команданти, цивилни и воени лица, за континуираната посветеност и придонес кон исполнување на мисијата на Бригадата.
„Работејќи за SEEBRIG и истовремено служејќи на вашите земји и на нашите граѓани вие само ја потврдивте посветеноста на сите земји членки кон Иницијативата која донесе соработка, донесе дијалог и овозможи создавање на средина во која владее меѓусебна солидарност и поддршка меѓу државите“ и додаде: „Како земја домаќин на SEEBRIG ни претставува задоволство што четири години припадниците на нашите армии заедно работат и придонесуваат за успешна работа на Командата во Куманово“.
Министерот истакна дека имајќи ја во предвид актуелната геополитичка состојба во Европа, загрозената безбедност, бројните форми на хибридни закани, лажни вести, дезинформации, како и научените лекции од минатото соочувајќи се со КОВИД кризата и природните катастрофи, потребно е да продолжиме да ги јакнеме одбранбени капацитети, одбранбената билатерална и регионална соработка и дека како држава остануваме фокусирани кон исполнување на втората стратешка цел, полноправно членство во Европската Унија.
„25 годишнината не е само време за оддавање почит и славење на успесите, туку и можност за пристапување со подготвеност и решителност кон сите предизвици“, потенцира Мисајловски.
„Прославувајќи ја својата 25-годишнина, напредокот на Бригадата на Југоисточна Европа – SEEBRIG, оперативниот столб на SEDM, е конкретен доказ за посветеноста на земјите членки на SEDM. Со придонес кон регионалната стабилност и консолидирање на соработката во спроведувањето на операциите за поддршка на мирот, хуманитарната помош и помош при катастрофи, SEEBRIG може да послужи како доказ дека преку соработка на земјите од Југоисточна Европа и пошироко може да се дојде до резултати“, истакна Претседавачот со Секретаријатот на Иницијативата за соработка на министрите за одбрана на Југоисточна Европа – SEDM, Симона Којоцару.
Командантот на Бригадата, бригаден генерал Билбил Битри во своето обраќање пред присутните рече: „Од своето основање, SEEBRIG стана симбол на единство, обединувајќи професионални војски од земји со различно потекло, култури и истории, но сите обединети со заеднички споделени вредности и заедничка цел: промовирање на воената соработка, гарантирање на сигурноста и безбедноста на нашите народи и придонесување кон мирот и стабилноста во регионот и пошироко“.
Командантот Битри додаде дека брзите промени се предизвик и наложуваат да продолжиме да се прилагодуваме и трансформираме со цел да успееме.
На денешната свеченост присуствуваа и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал – мајор Сашко Лафчиски, заменици министри за одбрана на Албанија, Бугарија и Романија, генерали од земјите членки на SEEBRIG, од воено дипломатскиот кор и други високи гости.