„МИСТЕР ДОЛАР“, ОСТАТОКОТ ОД СВЕТОТ И КОВИД- КРИЗАТА

//

Пишува: Бране Стефановски/Анторис Магазин

Можеби нема земја во светот во која американскиот „Долар“ не е една од алтерантивните валути за плаќање во меѓународната трговија. Тој е и меѓународно средство за плаќање во трговијата со суровата нафта. Оттаму, доларот, некои економисти го сметаат за „мистер долар“, а таа „титула“ американската валута ја има стекнато со огромниот економски потенцијал. Односно производство и извоз на производи со голема додадена вредност од воената индустрија, авионската, машинската, компјутерската, земјоделството, па ако сакате и со најголема продукција во светот на уметноста, музиката, филмот, детската филмска продукција и тн. Позната и едноставна економска дефиниција за вредноста на една валута е – извозот.

„Мистер долар“- американската валута во последниве децении е „нападната“ од извозот на брзорастечките економии, но се уште никој не може да рече дека таа ќе биде замената со некоја друга, иако е во тесна трка со кинескиот јен.

Издавањето на доларот е под контрола на Федералните резерви (Federal Reserve Banking system) – Централната банка на САД. Меѓународниот монетарен фонд го означува со US $, симболот што е во најчеста употреба е знакот ($), а ISO 4217 за американскиот долар е USD. Американците за доларот често го употребуваат зборот (buck).

Во 1995 година преку 380 милијарди долари во американска валута е во употреба, од тоа две третини надвор од САД. Од 2004 година речиси 700 милијарди долари се во оптек и тоа се уште 2/3 надвор од Америка.

Средство за плаќање во меѓународна трговија

Значи доларот се употребува во многу земји како средство за плаќање во меѓународната трговија.

Неговата вредност варира, има периоди во кои (во однос на денарот) се приближува до еврото, но има периоди кога неговата цена паѓа, па пред 2-3 недели паѓа и под 50 денари.

На почетокот на ланската година (2020), во екот на ширењето на вирусот ковид-19 во светски рамки, вредноста на САД-доларот првично зајакна во услови на зголемена побарувачка за ликвидност, висока неизвесност и променливост на финансиските пазари, како и зголемена склоност за сигурни пласмани. Со враќањето на оптимизмот дека глобалната економија ќе ги надмине негативните ефекти од пандемијата, во одреден дел се намали и побарувачката за безбедни инструменти, така што се смени движењето на САД-доларот.

Промената на вредноста на американската валута до крајот на годината се должеше и на подобрување на очекувањата на пазарните учесници во однос на идните економски остварувања, имајќи предвид дека се изнајдоа повеќе ефикасни типови вакцини, но исто така ова движење на САД-доларот беше забележано и заради намалената неизвесност по претседателските избори во САД, како и натамошните пазарни очекувања за примена на стимулативна монетарна политика од страна на ФЕД.

Долар-Евро

Вредноста на САД-доларот во однос на еврото се намали за 8,9 проценти на годишна основа, на најниско ниво од април 2018 година.

Намалувањето, многумина го толкуваат како натпревар на FED со валутите на другите светски економии, односно конкурентско намалување на неговата цена.

По колапсот на глобалниот монетарен поредок воспоставен во Бретон Вудс, САД во 1971 година го напушти златниот паритет според кој странските централни банки и влади можеа да разменуваат САД-долари за злато по фиксна цена од 35 САД-долари за една унца. Оттогаш, САД преминува кон режим на слободен флуктуирачки курс. (Free Floating Arrangement според класификацијата на ММФ) при што курсот на САД-доларот слободно се формира.

Монетарната власт на САД (ФЕД) нема формална обврска да брани определено ниво на девизен курс, односно не интервенира на девизниот пазар и формирањето на курсот го препушта исклучиво врз пазарни сили. Основните цели на ФЕД (т.н. двоен мандат) се ценовна стабилност и полна вработеност, додека монетарната трансмисија преку каматните стапки и понудата на пари делува посредно, а не директно врз девизниот курс.

По правило, порестриктивна монетарна политика на една земја води кон релативно посилна валутна позиција. И обратно, ако една земја води поекспанзивна монетарна политика отколку другите земји може да се очекува депрецијација на нејзината валута.



САД на редовна основа го следи движењето на вредноста на американската валута, при што во полугодишниот извештај на Министерството за финансии на САД, објавен на крајот од 2020 година, е направен осврт кон макроекономската и политиката на девизниот курс на најголемите трговски партнери на САД.

Официјално, ниту една развиена земја не презема чекори за манипулација на девизниот курс на домашната валута заради конкурентна предност. Но, тие будно го следат влијанието на девизниот курс врз остварувањето на монетарните (инфлациските) таргети и динамиката на економски раст и во согласност со проценетите остварувања можат да ја прилагодуваат поставеноста на нивната монетарна политика.

„Силен САД-долар“

Официјални претставници на САД повремено наведуваат дека САД спроведуваат неофицијална политика на „силен САД-долар“ која се заснова на претпоставката дека силниот девизен курс на САД-доларот е во интерес на САД и на светот.

Таа обезбедува ниска инфлација, ги поттикнува странските инвестиции и го одржува приматот на САД-доларот во глобалниот финансиски систем. Во едно од своите обраќања, откако стана министерка за финансии во јануари 2021 година, Џенет Јелен истакна дека САД немаат намера да го ослабнуваат курсот на домашната валута за да се стекнат со конкурентска предност и дека треба да се спротивстават на таквите обиди на други земји.

По понудата на неколку вакцини во кои се насочени погледите на светот за излез од економската криза и претпоставката дека пабарувачката за нафтата, чија трговија се води во САД-долари, логично е да се претпостави дека цената на доларот ќе расте.

Но, и покрај тоа што нафтата на светските берзи се тргува во САД-долари, евентуалните очекувања за раст на цената на овој енергент не условуваат раст на неговата цена во САД-долари. Бидејќи движењата на САД-доларот се должат и на низа други фактори, а тековно доминантни се побарувачката за безбедни валути, експанзивната монетарна и фискална политика во САД, динамиката на вакцинирањето против вирусот КОВИД-19 и очекувањата за економскиот раст во светски рамки итн.

Во таа смисла, прогнозите на аналитичарите за цената на нафтата за до крајот на тековната година се во насока на умерен раст, додека пак пазарниот консензус за движење на САД-доларот упатува на негово умерено слабеење.

Историјата на доларот

Американскиот долар го добил името според шпанскиот долар (а овој звор потекнува од зборот „талир“). Шпанскот долар во тоа време, сребрена паричка, бил широко распространет во употреба во Северна Америка за време на американската револуција, иако приватните банки издавале валути чија подлога била шпанскиот долар. Федералната влада тоа не го правела се до американската граѓанска војна

Шпанскиот долар бил легално средство за плаќање во САД се до 1858 година.

Доларот е едногласно избран за валута на Соединетите американски држави на 6. јули 1785 година.

До 1974 година вредноста на доларот е изедначувана со златото, среброто или во комбинација со давата метала.

Од 1792 до 1873 година У.С. доларот беше слободно врзан и за злато и за сребро, во однос на овие два од 15: 1, во систем попознат како биметализам. Преку неколку законски измени од 1873 до 1900 година, среброто ја изгубило својата важност, сè до 1900 година, кога официјално беше усвоен златниот стандард. Златниот стандард, со неколку модификации, преживеал до 1971 година.

Претходна статија

КЦ „ИВАН МИХАЈЛОВ“-БИТОЛА: ГИ ИНФОРМИРАВМЕ СТРАНСКИТЕ АМБАСАДИ ЗА НАШЕТО ПИСМО ДО БУГАРСКИОТ ДРЖАВЕН ВРВ

Следна статија

(ВИДЕО) ТАШЕВ: ВО МАКЕДОНИЈА ВРВИ ТИВКА КАМПАЊА ПРОТИВ БУГАРИТЕ ВО ПРЕСРЕТ НА ПОПИСОТ

Најново од Анализи & Коментари