„Мистеријата на бугарските гласови“ ја воодушеви лондонската публика
Светски познатиот хор „Мистеријата на бугарските гласови“ ја воодушеви публиката во Лондон на два концерта одржани на 21 и 22 април, организирани од Gotobeat, објави бугарскиот весник во Лондон БГ БЕН, пренесува БТА.
На првиот концерт во Clapham Grand доминирала бугарската дијаспора, додека на вториот во Union Chapel присуствувале над 900 луѓе, од кои 60 проценти биле меѓународна публика. Меѓу гостите бил и бугарскиот амбасадор во Лондон Тихомир Стојчев.
Организаторот Светослав Нунев вели дека реакциите биле исклучително позитивни, нагласувајќи дека изведбите на бугарски јазик ја допреле и странската публика. „Песната „Дилмано, дилберо“ буквално ја крена салата на нозе“, наведува изданието.
„Тешко е да се опише чувството кога гледаш како странската публика е освоена од бугарскиот фолклор. Уникално и неопишливо е“, изјавиле претставници на бугарската заедница во Лондон.
Пејачките од хорот исто така го изразиле своето воодушевување и ѝ се заблагодариле на публиката со длабок поклон. Особено емотивна била солистката Дафинка Дамјанова, која е дел од ансамблот од 1993 година, пишува БГ БЕН.
