|

Зоран Ристоски нов директор на МРТВ

Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија информира дека, по спроведена постапка согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и важечките подзаконски акти, за директор на МРТ е избран Зоран Ристоски.

Во постапката беа разгледани вкупно шест пристигнати кандидатури. Изборот беше направен врз основа на квалитетот на предложените програми за работа, при што гласањето се одвиваше по принцип на анонимност – програмите беа доставени под шифра, без увид во идентитетот на кандидатите.

По утврдувањето на најдобро оценетата програма, беше отворен ковертот со идентитетот на кандидатот, по што беше извршена проверка на исполнувањето на законските услови и комплетноста на доставената документација.

Во таа насока, Програмскиот совет нагласува дека се темели исклучиво на квалитетот на понудената програма и исполнувањето на законските критериуми.

„Процесот беше целосно транспарентен и спроведен со почитување на сите законски и институционални стандарди, со цел да се обезбеди легитимен и кредибилен избор на раководната позиција во јавниот сервис. Очекуваме новоизбраниот директор да ја извршува функцијата одговорно и професионално, во насока на зајакнување на улогата на Македонската радио-телевизија како јавен сервис од особен јавен интерес, унапредување на програмските содржини и подобрување на условите за работа на вработените. Програмскиот совет ќе продолжи внимателно да ја следи работата на раководството и да дејствува во согласност со своите законски надлежности, во интерес на јавноста и развојот на јавниот сервис“, се наведува во соопштението.



Слични Објави