МНР на Бугарија: Членството на РСМ во ЕУ зависи од исполнувањето на поставените критериуми и услови
Процесот на европска интеграција се заснова на сопствените заслуги и не дозволува посредување меѓу ЕУ и земја кандидат.
Ова се наведува во позицијата на Министерството за надворешни работи на Бугарија во врска со континуираните изјави на претставници на Република Северна Македонија, со кои се доведува во прашање принципот на pacta sunt servanda, јавува БГНЕС.
Министерството за надворешни работи потсетува дека Скопје го прогласи својот главен надворешнополитички приоритет да се приклучи кон европското семејство на вредности и правила.
„Ова подразбира строго придржување кон добро познатите заложби. Процесот на европска интеграција се заснова на сопствените заслуги и не дозволува посредување меѓу ЕУ и земјата кандидат. Единствена гаранција за успех е исполнувањето на утврдените критериуми и услови“, стои во позицијата на бугарското Министерство за надворешни работи.
