| |

МНР на Бугарија: Со денешните постапки РСМ им задава сериозен удар на билатералните односи

Неприфатливо е однесувањето на властите во Република Северна Македонија кон бугарските граѓани на денешниот 4 февруари, кога се одбележуваат 151 година од раѓањето на Гоце Делчев. Денешните постапки на властите во Северна Македонија сериозно го нарушија процесот на враќање на довербата меѓу двете земји. Ова се наведува во ставот на бугарското МНР, пренесува БГНЕС.

Во периодот по 1991 година, Република Бугарија постојано демонстрираше искрена желба за развивање добрососедски односи со Република Северна Македонија. По потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка во 2017 година, се воспостави практика за заедничко славење на историските личности од нашата заедничка историја, каков што несомнено е Георги (Гоце) Николов Делчев, несомнено.

„За жал, прославата на 151-годишнината од неговото раѓање не придонесе за надградба на билатералните односи меѓу Софија и Скопје. Со длабоко жалење забележуваме дека 4 февруари 2023 година ќе влезе во историјата како датум кога властите во Северна Македонија од крајно неубедливи причини и кршејќи ги претходно дадените гаранции не им дозволија на бугарските граѓани да му оддадат почит на ликот и делото на Делчев. Министерството за надворешни работи денешниот однос на власта во Северна Македонија го дефинира како понижувачки и неприфатлив кон бугарскиот народ и Република Бугарија“, нагласуваат од бугарското МНР.

Оттаму ваквите акции ги оценуваат како неисполнување на заложбата да се обезбеди непречен пристап на сите добронамерни граѓани кои сакаат да му оддадат почит на големиот револуционер. „Ова, заедно со одбивањето за заедничко полагање венци од страна на делегациите на Бугарија и Северна Македонија, претставува отстапување од воспоставените добри практики и ги еродира напорите на Република Бугарија насочени кон зајакнување на добрососедството“, нагласуваат од МНР.

Денешните постапки на властите во Северна Македонија нанесоа сериозна штета на процесот на враќање на довербата и покрај напорите на премиерот Г’л’б Донев, кој во тешка ситуација иницираше процес на деескалација и на вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој токму за оваа цел го посети Скопје на 30 јануари годинава, како и неговата денешна посета.

Досегашните информации со кои располага Министерството за надворешни работи се дека на граничните премини од македонска страна бугарски државјани со часови не биле пропуштани на територијата на Северна Македонија поради аргументи од техничка природа. Потоа, дел од бугарските државјани добиле отказ за влез на територијата на нашата соседна земја, а други се вратиле поради долгочасовното чекање. Меѓу засегнатите со овие рестриктивни мерки има и новинари против кои е искористено објаснувањето „закана по јавниот ред, националната безбедност, јавното здравје или меѓународните односи на Република Северна Македонија“. Има информации за насилство од страна на граничните власти на Северна Македонија. Во исто време, во Скопје беше направен крајно изненадувачки, но неуспешен обид да се ограничи бројот на бугарската официјална делегација за време на нејзиното поклонување во црквата Св. Спас“.

„Министерот за надворешни работи разговораше со амбасадорката на Северна Македонија во Софија, Агнеза Руси со барање за интервенција и враќање на слободата на движење. Истото прашање неколку пати било покренато и од министерот за внатрешни работи и потпретседател на бугарската влада Демерџиев. Уште еднаш откривме дека изјавите и уверувањата што ги добивме од претставниците на властите во Северна Македонија не соодветствуваат со ситуацијата на теренот. соопшти Министерството за надворешни работи.

Во врска со објавите во медиумите за приведени бугарски државјани, Амбасадата на Република Бугарија во Скопје официјално се обрати до локалните власти со барање за дополнителни информации, иако таквите информации требаше веднаш да бидат испратени од властите во Северна Македонија. Се очекува на истите да им се суди по брза постапка.

Министерството за надворешни работи апелира до засегнатите бугарски државјани, кои добиле писмено одбивање да влезат на територијата на Северна Македонија, да ја достават оваа информација до Министерството за да ги преземе неопходните активности преку дипломатски канали да ги информира нашите меѓународни партнери.

„Потсетуваме дека слободното движење на луѓето е еден од главните принципи на функционирањето на ЕУ. Покрај тоа, ова е конкретна мерка за зајакнување на добрососедските односи. Доколку е потребно, Бугарија е подготвена да обезбеди техничка помош за да се обезбеди непречено функционирање на граничниот премин.

За воспоставување добрососедски односи потребни се најмалку двајца искрени партнери. Сè потешко е да се препознае во однесувањето на властите во Скопје вистинска желба да се изгради довербата, пријателството и соработката неопходни за ова“, велат од бугарското МНР.



Слични Објави