Министерството за надворешни работи на Бугарија најостро ја осудува изјавата на Драган Ѓуровски од УМС на ВМРО-ДПМНЕ, во која тој дава навредливи лажни и вулгарни квалификации кон Бугарија и кон нејзиниот народ, и кои наменски влеваат омраза кон нашата земја, стои во официјалната реакција на бугарското МНР по скандалозната изјава на младиот член на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ѓуровски дека Бугарите се татарски фашисти, а Бугарките вредат две црвени.
Ваквите провокации се косат со сите основни европски принципи и норми на политичко однесување. Тие се симбол на стереотипите наследени од минатото, кои се во спротивност со декларираната од Република Северна Македонија желба да ги сподели европските вредности и да се приклучи на заедничкото европско семејство.
Бугарија секогаш покажувала конзистентност, транспарентност и конструктивност во односите со соседите. И покрај сите наши манифестации на добрососедство, нашата земја продолжува да биде предмет на демонизација и говор на омраза во домашната политичка дебата во Република Северна Македонија, што е неприфатливо во современиот демократски свет.
Загрижено забележуваме дека уште еднаш, во време кога Софија и Скопје бараат начин за конструктивен дијалог за изнаоѓање заемно прифатливи решенија, има слични провокации. Тие дефинитивно не помагаат во зајакнувањето на добрососедските односи и го отежнуваат враќањето на довербата и напредувањето во билатералниот дијалог, што е од директен интерес на луѓето од двете страни на границата.
Бугарија очекува Владата на Република Северна Македонија силно да се огради од ваквите опасни провокации и да ги преземе неопходните активности со цел да ги исполни во пракса повеќекратно преземените обврски за спротивставување на јавните акти на омраза против Бугарија, стои во соопштението на бугарското МНР.