МОФ: ЛОШИ УСЛОВИ ВО СТУДЕНТСКИТЕ ДОМОВИ, СТАНАРИТЕ-СТУДЕНТИ НЕ БИ ПРИЈАВИЛЕ КОРУПЦИЈА КАЈ НАДЛЕЖНИТЕ ИНСТИТУЦИИ

Лошите услови за живот во домот, недостатокот на средства и простории за учење и недостатокот на спортски и културни активности, се дел од проблемите со кои се соочуваат студентите-станари во студентските домови презентирани на денешното истражување на Младински образовен форум „За станарските работи – Истражување за животниот стандард на станарите во државните студентски домови „Браќа Миладиновци” – Штип, „Кочо Рацин” – Битола и „Пелагонија” – Скопје”. Во истражувањето, мнозинство испитаници во сите три студентски домови одговориле дека не би пријавиле корупција кај надлежните органи доколку дознаат дека се случува.

loading...

Петар Барлаковски, програмски координатор во МОФ и истражувач на онлајн презентацијата на истражувањето истакна дека иако испитаниците во сите три домови причините за моменталните состојби најчесто ги лоцираат кај самите студенти-станари, единствено во ДСД „Пелагонија”-Скопје, како дополнителни причини за моменталната состојба во домот се појавуваат и перцепцијата за незаинтересираност на раководството за подобрување на условите за живот во домот.

Тој посочи дека во содржината на стратешките документи за работа на трите студентски домови кои беа предмет на анализа, може да се забележи свесност кај раководните лица за одделни аспекти од студентскиот стандард кои треба да се подобрат за задоволување на основните потреби на студентите. Во годишните програми на трите анализирани домови, рече тој, често се споменуваат планови за реновирање и подобрување на состојбата во домовите, но овие инфраструктурни решенија најчесто се условени од финансиските средства кои треба да ги добијат домовите од Министерството за образование и наука.

Околу студентското учество во процесот на носење одлуки во домовите, потенцира Барлаковски, она што е заеднично за студентите во трите домови (со мали отстапки во ДСД „Пелагонија”-Скопје) е тоа што имаат основно познавање за управните органи во рамки на нивниот студентски дом. – Сепак, поради недостаток на јавно достапни информации за работата на советите на станари и работатат на студентите претставници во управните органи на домовите не може да се оцени нивната работа, ниту, пак, да се согледа ефектот кој го имале врз студентското учество и животниот стандард во домовите. Финално, кога станува збор за најчестите причини за неучествувањето во одлучувачките процеси одговорите се состојат од тоа дека студентите немаат време за таков ангажман, недостатокот на верба дека нешто може да се промени како и самата неинформираност за начините на кои би можеле да се вклучат, рече Барлаковски.

Скоро исто мнозинство испитаници во сите три студентски домови немаат забележано корупција во студенсткиот дом и не би сакале да учествуваат во коруптивни дејствија и оти би им пречело доколку некој друг учествува во тие коруптивни дејствија.Според истражувањето на МОФ, алармантен е податокот дека скоро сите испитаници кои учествувале во теренското анкетирање одговориле дека не би пријавиле корупција кај надлежните органи доколку дознаат дека се случува.


loading...

– Непријавувањето на корупција може да се објасни со податокот дека мнозинството од испитаниците не знаат каде би можеле да пријават корупција и најчестите избрани одговори на прашањата зошто не би пријавиле корупција кај надлежните органи (ставот дека пријавувањето корупција не ги засега испитаниците и вербата дека пријавувањето на корупција нема ништо да промени), рече Барлаковски.

Од МОФ за студентските домови препорачуваат: подобрување на инфраструктурните услови во домовите и функционалноста на вратрешните простори; зголемувње на буџетот за работа на домовите и поддршка на финансиска самоодржливост; зголемување на транспаренстноста во работата на домовите; градење на капацитетите на станарите и нивно ефективно вклучување во работата на домот.

– Вложување во енергетска ефикасност, односно вложување во целосна реконструкција на фасадите и електричната инсталација на домовите со цел намалување на режимските трошоци на домовите, како и за заштита на животната средина. Обновување на системите за греење и ладење на просториите со цел обезбедување нивна функционалност во текот на целата година. Изградба на функционални и современи библиотеки со постојана интернет покриеност кои можат да бидат отворени и за студенти надвор од домот; обновување и реновирање на читални кои ќе се прилагодат за одржување големи заеднички предавања, филмски проекции, за учење и истражувачка работа. Реконструкција на мензите во домовите. Одржување функционални веб-страници на секој студентски дом со лесно достапни информации за домување, правата и обврските на станарите; осовремување, дополнување и ставање јавна достапност на сите суштински документи на домовите како статутот, годишните програми, извештаите за работа, листа и контакти на вработените лица, бројот на станари и легла во домот и сите информации во врска со капацитетите на домовите и нивната правна регулираност. Овозможување електронско аплицирање за легло, отповикување домување и плаќање партиципација за престој; Овозможување интернет комуникација со раководството и одговорните лица за просторот во домот кои може да се повикаат во случај на дефект. Организирање образовни, културни и спортски активности во домовите преку вмрежување со локални невладини организации или младински организации преку кои можат да се организираат обуки, тренинзи, семинари, како и преку соработка со факултетите. Едукација и информирање на станарите за препознавање форми на корупција, комуникација со надлежните лица за справување со коруптивни дејствија. Ефективно вклучување на станарите во раководењето на домовите преку нивните претставници во смисла на вистинско делување во домот и одлучување за суштински работи од интерес на студентите, се дел од препораките на МОФ за студентските домови.