МОН им посака успешна учебна година на учениците и наставниците
Министерството за образование и наука (МОН) на сите наставници, стручни соработници, ученици и нивните семејства им посака успешен почеток на новата учебна година.
„Со добро здравје и силна посветеност кон учењето и работата, да ги остварат личните обврски и цели,“ се вели во соопштението.
Од МОН ги охрабруваат учениците со љубопитност да чекорат по патот на знаењето, кое е најмоќната алатка за успех, да бидат истрајни во справувањето со предизвиците и на нив да гледаат како можности за лична надградба и просперитет.
До наставниците и сите вработени во училиштата, Министерството упатува искрена благодарност и почит, нагласувајќи дека тие се столбот на образованието и заедно со родителите треба да продолжат да го трасираат патот кон успехот на новите генерации.
Во соопштението се додава дека МОН и понатаму ќе се залага за квалитетно, современо и инклузивно образование за сите, повикувајќи на соработка и обединетост во градењето на училишта исполнети со знаење и почит, како и средина во која младите ќе сакаат да останат и да го вложат својот потенцијал.
„Среќно на сите!“ стои во честитката на Министерството.
