МОРА ДА И СЕ СТАВИ КРАЈ НА ГРАДЕЖНАТА МАФИЈА
Познатата пеjачка Андријана Јаневска има едноставни желби со чие исполнување нејзиниот град би станал подобро место за живеење…
Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
– Ми се појавуваат слики од детството: како со виолинчето под рака чекам 57-ца за да одам на музичко. Татко ми ми ја извади првата слободна карта уште кога бев прваче. Ми се појавуваат слики како јадам осмина со месо во „Ванила“, како на голем одмор се глупираме со другарите кај сидрото на кеј и како одиме пешки до „Партизан“ и Олимписки на физичко, како со родителите јадеме ќебапчиња во Дестан, како со мајка ми шетам низ чаршија…
Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
– Според претходно опишаните слики, излегува дека повеќе го сакам она старото Скопје. Веројатно е поврзано со детските и младешки спомени кои на сите ни се драги и сакаме да се вратат. Тоа едноставно е така. Кога бев дете живеевме т.н. маалски живот. Сега тоа како да го има се’ помалку. Комшии не се познаваат, децата учат во училишта во други населби заради работата на родителите…
Скопје и скопјани даваат и плаќаат многу, но дали институциите и градоначалниците им враќаат доволно?
– Пред секое излегување со децата надвор, задолжително проверувам преку апликација дали воздухот е загаден. Ѓубре има насекаде, згради никнуваат на секој чекор, паркирани возила на тротоари… Да отидеш во државна болница со кола е скоро невозможно. Паркинг нема. Затоа во моловите паркингот е бесплатен. Ако се гради некоја улица, тоа трае со месеци, а понекогаш и години. Штета. А, имаме шанса да го направиме Скопје прекрасен град за живеење.
Дали Вие доволно му дадовте на Скопје?
– Освен оние административни давачки, даноци, комуналии и други такси, давам на тој начин што не го загадувам градот. Живеам надвор од централното јадро, во селска средина, во Бардовци. Со тоа придонесувам градот да се растерети. Се греам на пелети, а често на работа одам со велосипед.
Со што најмногу се гордеете во Скопје?
– Скопје има многу работи со кои може да се гордее. Можете да шетате од Пантелејмон до Средно Водно, или едноставно да одите со жичарата… Скопје е и старата скопска чаршија со сиот нејзин шарм. Да јадете ќебaпчиња или да пиете боза, лимонада или чај во некоја чајџилница. Можете да одите на Матка, да ги посетите прекрасните околни манастири. Една од најчистите реки (барем кога бев дете) е Треска, а гордост на градот се и Скопското кале, Скупи… Скопје има навистина богат културен и ноќен живот. Тука се МОБ и Македонската филхармонија, Златното славејче, Скопскиот фестивал… (Целото интрвју прочитајте го овде)