Одрин- заборавениот симбол на единството во борбата
Пишува: Владимир Перев
Одрин или Едрене, како што во Македонија не’ научиле да го нарекуваме, е историско место во Европската Турција и долго време центар на Османската империја, поточно, од 1369 година па сѐ до падот на Константинопол во 1453 година. Денес Одрин е административен центар на вилаетот, а во него се наоѓа еден од најпрестижните турски универзитети, тракискиот универзитет.
Само пред стотина години години во Одрин живееле околу 10 илјади тракијски и македонски бугари, овие вториве претежно од Егејскиот дел на Македонија. Биле компактно население, со свои цркви и училишта, но загубените војни и меѓународната ситуација, делувале девастирачки на населението. Еден дел си заминал за Бугарија, по Втората светска војна некои си дошле во Македонија, но повеќето заминале за Цариград каде имало поголема македоно-бугарска заедница, за потоа некои од нив да заминат за Америка и во други прекуокеански земји.
Силно било просветното дело на бугарите и македонските бугари во Одрин. Уште во учебната 1881-1882 година се отвора основно училиште, за од 1891 година да прерасне во гимназија која го носи името на д-р Петар Берон, лекар, енциклопедист и автор на првиот бугарски буквар-Рибниот, на кој учеле и генерации на македонски интелектуалци. Подоцна се формира и Бугарска женска гимназија со пансион, за подоцна да се отвори и Бугарска католичка гимназија. Денес Бугарската гимназија “Др. Петар Берон“ сеуште постои и е во одлична форма, таа е сопственост на Екзархијата и се дава под наем на турски институции.


Во ова своевидно импресивно образовно дело, своето учество го имаат и македонските дејатели. Затоа и организацијата наречена ВМОРО, во својот дел како внатрешна, ја има и одредницата Одринска, симбол на единството во борбата за слобода.
Во периодот 1904-1905 година учител во Одринската бугарска гимназија е познатиот револуционер Климент Шапкарев, синот на познатиот етнограф и фолклорист, Кузман Шапкарев. И тој, како и Кузман е роден во Охрид, ја завршува Солунската бугарска гимназија, за потоа да студира биологија и хемија на Софискиот универзитет. Климент е човек на делото, на ВМОРО и во 1897 година е делегат на ВМОРО на Четвртиот македонски конгрес. Во тоа време работи како пунктов началник на ВМОРО во Самоков и го организира префрлањето на луѓе и оружје во Македонија. Подоцна е и секретар на Одринскиот окружен комитет на ВМОРО и делегат на Рилскиот (1905) и Ќустендилскиот (1908) конгрес на ВМОРО. Со немирен, револуционерен дух, за време на Првата светска војна, го напушта Одрин и се пријавува како доброволец во бугарската армија. Учествува во борбите за освојувањето на Одрин и е награден со орден за храброст. Овој немирен и револуционерен дух, за време на Втората светска војна се населува во Битола, каде предава како наставник во земјоделското училиште. Умира во Битола во 1949 година, речи си заборавен од сите. Климент Шапкарев бил другар со Гоце Делчев и е автор на книшката “Спомени и мисли за Гоце Делчев“, кај нас непознато и неспоменувано четиво. Не бил само Климет Шапкарев наставник во Одрин, тука биле и Јордан Анастасов од Кратово и прилепскиот револуционер и еден од најбогатите луѓе во Бугарија, пријател на ВМОРО и специјано на Иван Михајлов, Петар Мрмев. Тоа било единство на перото и пушката!
Ако Кузман Шапкарев беше човек на времето на В’зраждането, времето на “бугарскиот првичен грев“, кога Марин Дринов и другите бугарски филолози, болно обземени со своето русофилство, не му дозволија да ги венсе македонските-западните дијалекти и јазично-лингвистични форми во современиот бугарски јазик, тоа Климент Шапкарев, во новото-револуционерно време направи сѐ, со силата на оружјето и неговите статии -секогаш против левите теченија на бугарската политика- за слободата и обединувањето на бугарското племе. Ако за Кузман бевме еден народ во борбата за просвета и култура, за Климент бевме еден народ како браќа по оружје и единствената ВМОРО, симболот на борбата за единство.
Денес во Одрин нема потомствени бугари или македонци. Има само едно семејство на починатиот свештеник Александар Чакарак, кои се грижат за двете цркви во Одрин: “Св. Георги“ и “Св. Константин и Елена“. Има и бугарски гробишта, одлично уредени и сочувани. Тоа е дело на свештеникот Филип Чакарак, кое наследствено го оставил на својот син Александар Чакарак. Тие беа наследниците на огромното просветно, црковно, па ако баш и сакате, револуционерно дело.

Изминатите стотина години погубно влијаеле на состојбата на црквите. Тоа трае се до пред десетина години кога и двете цркви во Одрин се обновени, наполно реставрирани и имаат прекрасен вид.





Црковните дејци од семејството Чакарак се духовните, но и општествените херои на напуштената бугарско-македонска општност. Стариот свештеник Филип Чакарак е пазител на бугарските гробишта, место каде почиваат и многу македонски борци кои учествувале како доброволци но и војници во бугарската армија за време на Првата балканска војна и освојувањето на градот. Тој ја чува и негува бугарската црква “Св. Георги“. Закопан е на бугарските гробишта во Одрин, каде моќе да се види и неговиот паметник. Неговиот син и мој пријател, неодамна починатиот свештеник Александар Чакарак беше обновител на двете бугарски цркви, на просветното дело во градот и ностел на духот на безвременото во опстојувањето на една кауза. По негова желба, закопан е во дворот на црквата “Св. Георги“, по негова лична желба и со интервенција на председателот на Турција Реџеп Таип Ердоган.

Зошто баш Ердоган? Малку се знае дека црквите во Одрин имаат статус на двовластие. Тие официјално, по Првата светска војна, припаѓаат на Васеленската патријаршија во Цариград, која со нив раководи заедно со Грчката патријаршија. Изгубената војна носи порзи и во духовното општење. Цариградскиот патријарх Вартоломеј не сакал да ја исполни желбата на свештеникот Чакарак да биде закопан во дворното место на црквата, како што следува на секој црковен деец. Црквите во Одрин имаат свое настојателство, но за верските прашања сепак решава Вартоломеј. Зато била и интервенцијата на Ердоган, а тоа е интервенција која не смее да биде одбиена од никого, па макар да е и Васеленскиот патријарх. Така, Алексанадар Чакарак почива во дворот на црквата и делото каде цел век служел, со одобрение на Ердоган и на ужас на Васлеленскот патријарх и на грчките попови,
Сличен е проблемот и со бистата на првиот бугарски Екзарх Антим Први, поставена во дворот на црквата “Св. Константин и Елена“. Патријархот Вартоломеј не се сложува со нејзиното поставување, веројатно затоа што личи на возобновување на бугарскиот дух во Тракија и Одринско…бистата е сеуште таму, никој не смее да ја тргне!

Надежта на времето кое доаѓа е во најмладиот Чакарак, синот на Александар, кој исто така е студент на Богословскиот факултет во Софија…надежта е дека ќе ја наследи страста на своите предци и никогаш нема да го напушти свештеното и културното дело.
Турција е во визен режим со земјите на Унијата, па и со Бугарија. Затоа во одрин функционира бугарски генерален конзулат, каде се решаваат визните и сите други прашања околу издавањето на визи и други тековни проблеми. Конзулатот е сместен во мал и удобен објект, а персоналот е пример за достоинството и професионализмот на бугарската администрација и министерстовото за надворешни работи на Бугарија.
Завршува денот и младите излегуваат по кафулињата. Опуштена атмосфера, секаде се зборува турски, понекаде малку бугарски или руски, на некои кои дошле по бизнис или на прошетка. Во градот се чувствува мирисот на неминливоста…

