МП: Цветановски од ЛДП присуствува на сите средби за реформите во изборното законодавство, невистинити се тврдењата дека процесот се води зад „затворени врати“
Министерството за правда констатира дека Дејанчо Цветановски од ЛДП пласира невистинити и тенденциозни тврдења во врска со работата на Работната група за подготовка на измените на Изборниот законик.
„Особено е нејасно како Цветановски зборува за процес што наводно се водел „зад затворени врати“, кога токму тој како претставник на ЛДП активно учествува во работата на групата, присуствува на состаноците и има можност директно да ги изнесе своите ставови и предлози.
Работната група функционира транспарентно, со учество на претставници на парламентарните политички партии и независни пратеници. Секој предлог и од институциите и граѓанскиот сектор е разгледуван и дискутиран, а процесот се води исклучиво во насока на усогласување на Изборниот законик со препораките на ОБСЕ/ОДИХР
Оттука, обидите за создавање перцепција дека процесот е нетранспарентен претставуваат политички спин кој не соодветствува со фактите. Факт е дека Цветановски беше дел од дискусиите, ги слушна сите аргументи и имаше еднаква можност како и останатите учесници да придонесе во процесот.
Министерството за правда останува посветено на инклузивен, отворен и демократски процес и ги повикува сите учесници наместо политички квалификации да придонесуваат со конструктивни предлози во интерес на граѓаните и на изборниот систем“, велат од Министерството преку допис до медиумите.
