ЗАЕВ: РЕФОРМИТЕ ВО НАЦИОНАЛНИТЕ ЕНЕРГЕТСКИ СЕКТОРИ И ПАЗАРИ НА ЕНЕРГИЈА, НОСИ НИЗА ПРИДОБИВКИ ЗА ГРАЃАНИТЕ

Вести Истакнато Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со Заменик претседателот на Владата, Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши денеска го отворија 16-тиот Министерски Совет на Енергетската заедница.
Посакувајќи им добредојде во Република Македонија, Премиерот Заев на министрите од земјите членки на Енергетската заедница им упати желби за успешна работа. Во своето воведно обраќање понатаму Премиерот Заев рече:

„Ми причинува посебно задоволство што ова искрено гостопримство и желби за успешна работа ви ги упатувам како Претседател на Владата на Република Македонија, која оваа година претседаваше со работата на овие состаноци.
Освен привилегија, оваа должност е многу повеќе и обврска работата на Енергетската заедница, преку Министерскиот Совет, да ја исполнува мисијата на Енергетската заедница како меѓународна организација која ги обединува Европската унија и нејзините соседи за создавање и за функционирањето на еден интегриран паневропски енергетски пазар.

Мисијата на Енергетската заедница да воспоставува стабилна регулаторна и пазарна рамка способна да привлече инвестиции во производство на електрична енергија и мрежи, е од клучна важност за сите земји членки на заедницата кои се стремат да бидат дел од семејството на Европската Унија.

Работата на Енергетската заедница секогаш треба да се гледа од аспект на интересот на граѓаните и токму затоа создавање интегриран енергетски пазар кој овозможува прекугранична трговија со енергија и интеграција со пазарот на ЕУ е од суштинско значење за нив.

Тоа значи ​безбедно снабдување за да се обезбеди стабилен и континуиран пристап на енергијата до граѓаните и до компаниите, што е од суштинско значење за економскиот развој и социјалната стабилност. Една од подеднакво важните приоритети на здружувањето во Енергетската заедница е постојаниот стремеж за подобрување на состојбата со животната средина во однос на снабдувањето со енергија во регионот. Во таа насока станува од суштинска важност поттикнување на употребата на обновливи енергии и на енергетски ефикасни решенија, како и развивање на конкуренцијата и соработката на регионално ниво за максимизирање на условите за евтина енергија.

Внатрешниот пазар на енергија на Европската Унија денес е придобивка која ја имаат Европјаните.  Либерализацијата и реформите во националните енергетски сектори и пазари на енергија, носи низа од придобивки и погодности за граѓаните, а за бизнисот и за инвеститорите многу нови можности.

Уверени сме дека ќе бидат остварени и очекувањата од сигурноста, како и од различноста во снабдувањето кои ќе имаат нагорен тренд, особено во делот на обновливи извори на енергија и на потенцијалот на новите енергетски технологии.
Република Македонија како членка на Енергетската заедница, се обврза да стане дел од Внатрешниот пазар на енергија во Унијата преку членството во Енергетската заедница.

Ефективниот конкурентен Внатрешен пазар на енергија го помага одржливиот развој, односно создава нови работни места, што е дополнителен потстрек и за европската економија.  Отворањето и либерализацијата на малите пазари преставува поголема можност доколку се дизајнира соодветен оптимален пазарен модел за да ги задоволи во обем и цена потребите на домаќинствата и индустријата.

Отпочнатиот процес на либерализацијата на пазарот на електрична енергија ќе го намали диспаритетот меѓу енергенсите, посебно меѓу природниот гас и електричната енергија, со што ќе се зголеми интересот за инвестирање во капацитети за производство на електрична енергија.

Енергетиката е во синергија со одржливиот развој затоа што соодветно поставените енергетски политики и проекти носат придобивки за сите димензии за одржливиот развој.  Оттука, стратешка определба на Владата на Република Македонија е обезбедување на одржлив развој на енергетскиот сектор преку оспособување тој да биде конкурентен на пазарот на енергија и со непрекината грижа за животната средина, вклучително и за климатските промени.

Имајќи ја предвид агендата на оваа сесија на Министерскиот Совет на Енергетската заедница убеден сум дека од тука, од Скопје, ќе се прошират хоризонтите за идната работа и иницијативи на Енергетската заедница. Ви посакувам успешна работа и искрени честитки и поддршка за идната земја претседавач со Министерскиот Совет на Енергетската Заедница“, рече премиерот Заев.