Муцунски – Варнес: Стратешкото партнерство и сојузништвото во НАТО се клучни фактори за стабилност
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со вршителот на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнес, што претставуваше прва средба по посетата на САД во рамки на втората сесија од Стратешкиот дијалог.
„Во рамки на средбата беше изразено задоволство од продлабочувањето на билатералните односи и соработката. Министерот Муцунски ја реафирмираше посветеноста на Владата кон натамошно зајакнување на билатералната соработка, со посебен акцент на економските односи и потенцијалот за нови инвестиции. Воедно, стана збор и за меѓународните односи, актуелните состојби во рамки на НАТО, како и за тековните безбедносни предизвици“, соопштија од Министерството.
Посебен осврт бил направен на реформските процеси, вклучително во областа на судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и на реализацијата на инфраструктурните проекти.
Во услови на зголемени безбедносни предизвици, соговорниците го истакнале значењето на стратешкото партнерство и сојузништвото во НАТО како клучни фактори за стабилност.

