|

Мухамед Зекири поднесе неотповиклива оставка од функцијата Генерален секретар на Владата

Генералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири поднесе неотповиклива оставка од функацијата откако Јавното обвинителство отвори истрага против него за злоупотреба на службената положба и проневера на пари. Осомничени се уште двајца државјани на Хрватска.

Како што соопшти Обвинителството, во периодот од април 2021 до јануари 2022, со искористување на својата службена положба генерален секретар на Владата, првоосомничениот без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. Со преземените дејствија, осомничените за консултантската куќа од Хрватска прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 940.000 евра на штета на Буџетот на Македонија.

„Почитуван претседател на Владата на Република Северна Македонија, г-дин Димитар Ковачевски

Низ мојот работен век секогаш сум го одбирал вистинскиот пат, патот на чесноста, праведноста и вистината. На овие мои животни вредности сакам да останам доследен.
Затоа, како човек со личен интегритет, ја поднесувам мојата неотповиклива оставка од функцијата Генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија.
Верувам во институциите на системот, верувам во правичноста и праведноста и верувам дека вистината ќе излезе на виделина. На сите институции им стојам на располагање во секое време, за да ја докажам мојата невиност.

Почитуван претседателе, Ви благодарам на укажаната можност да бидам дел од Вашиот владин состав и Ви благодарам што верувате во мојата заложба и посветеност во работата“, напиша Зекири на Фејсбук.



Слични Објави