| | |

Мултиперспективност за 12 дукати

Пишува: Зоранчо Маринков

Кога и зошто се пишувани теориите дека Самуиловото царство не било Бугарско царство, дека поимите Бугари и Бугарија не се етнички, туку политички поими, потоа дека во Македонија нема Бугари, дека тоа име е вештачко наметнато на Македонците, а ако некој така се нарекува, тој или дошол од Бугарија или е заразен со бугарска пропаганда.

Од 5 до 7 мај 1878 год. во весникот “Српске Новине” издаван во Белград, во три продолженија излегува статијата “Којој словенској грани припадају Словени у горњој Албанији и Македонији”. Истата година статијата е испечатена и како одделна брошура.

Нејзнин автор е Деспот Баџовиќ, роден во Крушево. Главната поента на статијата е дека Македонските Словени и Србите имаат иста национална историја веќе 12 векови, како и дека уралските Бугари, кои во мнозинство биле муслимани и носеле чалми, биле најголеми прогонувачи и угнетувачи на Македонските Словени и на нивното српско име. Баџовиќ заклучува дека “најтоплата мечта” на Македонските Словени била повторно да се обединат со Србија.

Статијата е дел од српската пропаганда во периодот помеѓу Сан Стефанскиот договор и Берлинскиот конгрес во 1878 год, која сака по секоја цена да го спречи формирањето на Санстефанска Бугарија. Во тој период, во истиот весник излегуваат и статите “Старо Срби” на Димитрије Алексијевиќ и “Стара Србија” на Ѓорѓе Поповиќ – Даничар.

Следниот ден после излегувањето на последниот број на весникот со статијата, на 8 мај 1878 год., Деспот Баџовиќ пишува писмо до министерот за надворешни работи на Србија, Јован Ристиќ. Во писмото Баџовиќ бара да му биде исплатена награда за неговата статија, за којашто статија кажува дека му била понудено да ја напиши. Наградата во износ од 12 дукати (цесарски) му е исплатена на 9 мај, од сметката на Министерството за надвореши работи на Србија.

Да видиме накратко за животот на Деспот Баџовиќ, до периодот на публикување на статијата. Тој го започнал своето образование во Белград во 1868 год. Следната година се запишува на Белградската Богословија, каде што го завршува нејзиното II одделение, формирано специјално за лица од Стара Србија и Македонија. Во 1873 год. е испратен во Крушево од страна на Одборот за српски училишта и учители во Стара Србија и Македонија, за да шири српска пропаганда, како учител по српски јазик. За време на неговиот престој таму, на секои шест месеци редовно му се исплаќаат по 15 дукати.

Во Крушево, Деспот Баџовиќ пристигнал од Белград заедно со неговите браќа Ѓорѓе и Кузман. Сите тројца биле исмејани поради нивното незнаење пред граѓаните на завршниот годишен испит на бугарското училиште во Крушево, од страна на преродбеникот и револуционер Иван Шумков.

Во 1875 год. Баџовиќ се враќа во Белград, по наредба на неговиот ментор и заштитник, големиот великосрпски деец – Милош Милоевиќ. Бидејќи не можел да се врати назад во тогашна Македонија, моли да биде постевен за учител во Србија, за да се прехранел. Во 1876 год. Баџовиќ самиот пишува писмо до министерот за надвореши работи на Србија, во кое кажува дека не е способен да ги извршува работите кои се барале за еден чиновник.

Затоа се запишал на Историско-филозофското одделение на Високата школа во Белград и го моли министерот за надворешни работи на Србија да му се исплаќаат два дукати месечно за издршка. Баџовиќ се обврзува, дека кога ќе заврши со студиите, целосно ќе работи за Србија и нејзиниот напредок. Милош Милоевиќ го потврдува ова во истото писмо и помошта на Баџовиќ му е одобрена – започнува да ја прима веќе од следниот месец.

Има уште многу да се пишува за дејноста на Деспот Баџовиќ, но сумарно може да се опише со она што за него го кажал големиот преродбеник од Охрид, Кузман Шапкарев. Тој многу добро го познавал “мултиперспективниот теоретичар” Деспот Баџовиќ и го пишува следното:

“После тие двајца, во Белград има уште и други тројца, браќата Баджови, родум од Крушево, Охридска епархија – Деспот, Георги и Кузман. Ако не се лажам, со нив сум се запознал уште одамна, посебно со Георгија во 1878 год. во Белград, од кого што можев да научам многу нешта од тајните на србската пропаганда, меѓу кои и какви имено мерки требало да се превземат и какви средства да се употребуваат, за да би се внеле во торбата и самите Македонски општини, следователно и бев поканет да влезам во составот на нивниот персонал, при што ми беше посочена и една определена месечна плата. Јас, се разбира не можев да се согласам на поканата, бидејќи не сум мислел да ја продавам совеста за метал”.

“Ете со какви дејци браќата Срби се надеваат да ги посрбат Македонските Българи. Ете какви личности г.Драганов ги удостојува придодавајќи ги на бројот на подвижниците на народните судбини! Среќни сме со тоа!”

Кузман Шапкарев – “Неколко думи върху статиите на г. П. Драганова в Известията на Спб. Слав. Благотв. Общество”, Софија, 1890 година

Да напомниме дека списанието “Братство”, на обновеното во 1993 год. друштво “Св.Сава” од Белград, во 2015 година објавува статија со која дури и Друштвото “Св.Сава” официјално се откажува од српските теории од крајот на XIX век, дека Самуиловото царство не е бугарско, туку македонско или словенско.

“Византиската власт после 971 година немала целосна контрола над сите бугарски области. Тоа пред сѐ, се однесува на југозападните и западните делови. Токму во тие области, во 976 година започнува востанието на Самуил и на неговите браќа, познати како комитопули. Треба веднаш да се нагласи, дека денес е напуштена теоријата, според која резултатот од Самуиловото востание е создавање на словенска држава со центар во Македонија. Новото Самуилово царство се смета за државен континуитет на Бугарија. Тоа значи дека претпоставката за паралелното постоење на две бугарски царства, источно и западно (Самуилово), не е одржлива. Според тоа, бугарското царство трае сѐ до 1018 год., а не до 971година. Истото се однесува и за бугарската патријаршија”.

Во продолжение следува превод на дел од статијата на Деспот Баџовиќ од мај 1878 год.

“Самите Византијци земјата во која живееле Словените ја нарекувале Славинија. Во македонските Словени рано фати корен христијанската вера и просветата.

Овие Словени на балканскиот полуостров, кој му припаѓаше на Византиското царство, живееле по своите стари народни обичаи, поделени на племиња, кои вршејќи некои одредени должности спрема царството, се управуваа самите себеси, но немаа помеѓу себе поголеми политички врски. Со Цариград ги поврзуваа само префектите разместени по провинцијата.

Во таква состојба ги затекнале Србите кога во 636 година после Христос, дошле под својот кнез во земјата на византискиот цар. Овој ги населил во солунската област на реката Бистрица (Инџекарасу). Таа област потоа долго време се викала Србија, па и тогаш кога повеќето Срби оттаму се преселиле оттаму на Дунав, Сава и Ибар. Од ова најдобро се гледа дека во Македонија останале уште многу Срби, бидејќи во спротивно српското име ќе исчезнало од земјата заедно со нив, а тие немале да имаат време таму да изградат цел град. Исто така, народите не можат да се преселуваат, така што да не остане ниту еден припадник од нив на своето поранешно место.

Овие Срби, оставени во Македонија, се споија со домородните Словени во една нација и од таа мешавина се формираше јазикот кој е половина старо-словенски и половина српски, кој се уште владее во таа земја, а чиј образец овде го спомнав.

Со доаѓањето на Србите, ситуацијата на Словените се промени во сите оние области каде што тие навлегле, односно во западниот дел на полуостровот. Пристигнувајќи под нивниот кнез, чијашто врховна власт ја признаваа префектите, Србите на староседелците е Словенци им ги донеле првите на национално-државни елементи. Ова ја промени позицијата на Словените кон Византиската империја.

Но, тоа беше уште повеќе сменето во источните делови на полуостровот од Бугарите, кои во 672 година, значи 36 години после Србите, го преминаа Дунав и ја освоија територијата сè до Балканот, покорувајќи ги домородците на Словени кои се населиле таму, кои беа зависни од Византија. Бугарите не биле од словенско, туку од татарско-уралско потекло, див, но воинствен народ, кој во мнозинство ја исповедал муслиманската религија и, како што е познато од историјата, носел чалми.

Така, на Полуостровот се создадени: чисто словенска српска држава, татарско-уралска држава со покорени Словени и грчка држава, во која римското погрчено племе владеело над остатокот од староседелците Словени, над црните Власи и Скипетарите (Арнаутите). Помеѓу овие три држави почна долга и жестока борба, а колите најмногу се кршеа над бедните стари Словени.

До 971 година, кога императорот Цимисхиј ја освоил Бугарија, земјите на македонските Словени никогаш не биле директно составен дел на бугарската држава, туку секое племе живеело за себеси, некои самостојно, некои под поголема или помала зависност од Бугарите и Византија. Таа на овој начин можеше полесно да ги покори, така што кога Цимисхиј свечено му ја симнуваше круната на бугарскиот владетел, веќе сите Словени во Морија, Тесалија, Епир, Албанија и Македонија одамна (од 940 г.) ја признаваа грчката власт. Историчарите сведочат дека бугарските војски под Крум и Симеон навлегувале во Македонија, но само за да ја уништат и опустошат. Земајќи го пленот, се враќале таму, без да се обидат да ги ограбат утврдените градови.

Но, сега настанува вистинската историско-македонска епоха. Македонците и Албанските Словени, штом умре Цимискиј, востанаа во истата 976 година на оружје за нивната слобода. Гледајќи колку ги повредило нивното неединство, сите се согласиле и го зеле бољаринот Самуил за свој владетел. На ова Самуилово царство, кое било чисто словенско-македонско, како што се нарекува во старите српски ракописи, биле додадени само некои делови од бугарската и српската држава; неговиот центар и срце не беа во Бугарија, не во Србија, туку во Македонија и Албанија. Воден, Острово, Меленик, Маглен, Струмница, Охрид, Прилеп, Скопје – тоа се главните огништа на новиот словенски живот.

Варна, Силистра, Месемврија, па дури и самиот Пловдив останаа во грчки раце. Само Средец, Видин и Преслав се приклучија на востанието на македонските Словени, кои ја одзедоа од Грците цела Македонија освен Солун. Самуил работел со внимание во однос на Словените, затоа имал поголем успех од Симеон и Крум, и ги одзел од Грците и Тесалија и Епир и делови на Елада.

Но, ово словенско-македонско царство немаше трајност. Царот Василиј отиде во 987 година со војска на Самуил. Отпрвин немаше среќен, но во повторената војна од 995 година, среќата го послужи подобро. Самуил со главна сила ги чуваше Македонија и Албанија, затоа Василиј можеше во 1.000 година да му го одземе западниот дел на подунавска Бугарија, а во 1001 година на југ Верија (со предавство) и Српчиште (денешна Селвиџе) по упорна одбрана и на крајот Тесалија и по подолга опсада Воден.

Следната година Василиј целосно ги покори подунавските бугарски региони и го одзеде Скопје од Самуил. Но јадрото на Самуиловата држава, словенските земји во Македонија и Албанија, Василиј не можеше така лесно да ги добие. Единаесет години се бореа тука Словените со Грците. Но, на 29 јули 1014 година под планината Беласица, Василие го порази Самуил и му зароби 15.000 Словени, кои ги ослепи, оставајќи по еден едноок на секои сто луѓе и така ги испратил кај Самуил. Кога тој ги виде своите борци толку нагрдени, почина од тага по два дена (15. септември 1014 година.)

Смртта на Самуил ја забрза пропаста на македонско-словенската држава. Василиј веднаш ги превзеде Битола, Прилеп и Штип. Следната година Грците го зазедоа словенскиот главен град Воден. Притоа, Владислав го убил својот вујко, цар Гаврило Самуиловиќ, за самиот да стане цар. Ако го сторил ова злосторство во договор со Грците, тој сепак долго време не ја носеше круната на владетел. Василиј наскоро и со него започна војна со него, која се продолжи со променлива среќа, сè додека Владислав за време на опсадата на Драч (1019), не почина мачен од совеста, затоа што го убил праведниот Божји човек, српскиот крал Владимир, зетот на цар Самуил. Со Владислав заврши оваа македонско-словенска држава, а нејзините Словени албанско-македонски целосно потпаднаа под Цариград.”

Што се однесува до народната свест во Македонија, оној народ што на секој чекор гледа споменици од српското минато, кој знае дека тој град останал од Марко, таа црква од Милутин, тој манастир од Дечански, или Душан, или кој било друг српски владетел, народот, кој од секој рид и долина , од потокот и реката составува традиции од српското минато, тој народ не може да биде друг и не е друг освен српски. Па, ништо друго и не е возможно. Од првата половина на седмиот век се измеша тој народ по крв, јазик и обичаи со Србите; а македонските краеви влегоа во српската држава уште при крајот на XII век и останаа во неа до почетокот на XIV век. Значи цели двеста години припаѓаа тие во српската државна и политичка заедница, а народната заедница непрекинато трае цели дванаесет века.

Скоро целосно независни од Грците беа македонските и албанските Словени од втората половина на VII век до втората половина на X век.

Под словенскиот цар Самуил, Бугарите не ги вовлекоа македонските и албанските Словени во својата држава, туку напротив овие ја одзедоа Бугарија од Грците и ја држеа дваесет и пет години. Само во XIII век држеа Бугарите делови од Македонија и Албанија за дваесет години!

Но да земеме дека под Крум и Симеон македонските и албанските краеви подпаднале под бугарска власт, тоа може да се однесува за некои племиња, а не во целосна смисла. Па и тоа време земено заедно не се простира на повеќе од еден век. Каква притоа разлика помеѓу српското и бугарското владеење во Македонија!

Бугарското име на Словените најнапред им го наметнаа Грците, заради тоа што потпаднаа под бугарската држава, а чистите уралски Бугари, завојувачите на Словените, ги нарекуваа Скити. Ние Македонците, како што веќе кажав, не се нарекуваме Бугари, туку сите оние меѓу нас кои се свесни, или кои не сме дојдени од Бугарија, или не сме дозволиле да бидеме заразени од бугарската пропаганда, се нарекуваме Старо-Срби, а најпростиот народ се нарекува Мијак, Брсјак, Долјанин, Брѓанин, во зависност од регион во којшто живее, како што тоа се случува и кај сите Срби, како Зеќанин, Црногорец, Шумадинац итн.

Под Турците, секој оној што ќе се наречеше Србин, се изложуваше на голема опасност, затоа што Турците се плашеа од Србите како јунаци, а Бугарите секогаш биле покорна раја и никогаш не се бунеле. Затоа тие им беа мили на Турците и овие секогаш им помагаа, кога сакаа Бугарите да ги побугарат Србите, бидејќи се надеваа дека и Србите ќе омекнат и ќе станат покорни, како што се Бугарите.

Ние овде многу истрпевме од тројно прогонување. Турците нѐ гонеа како верни синови на Христовата црква и како чувари на сите историски и народни спомени на најсветлото време на српското минато. Грците нѐ гонеа за приврзаноста кон својот народен јазик и народните обичаи. А Бугарите им се придружија на овие двајца, прогонувајќи ни го милото име на српската народност и одвраќајќи не од чисто српските обичаи.

Но ние затоа секогаш останавме верни на српството, со кое нѐ врзуваат најтесни врски од дванаесет векови. Ние не сме друго, ниту сакаме да бидиме друго – освен Срби, и најтопла мечта ни е, со нив повторно да бидеме заедно во државна заедница”.



Слични Објави