МВР: Родителите да не се вознемируваат, лажни се денешните дојави за бомби во Кочани
Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека протоколите за проверки и безбедност на училиштата функционираат и веднаш се преземаат соодветни мерки доколку се појават дојави за наводно поставени експлозивни направи.
„Апелираме до родителите да не се вознемируваат, училиштата се безбедни. Потсетуваме дека раководствата на училиштата имаат обврска да ги следат и имплементираат мерките на Владата односно насоките од Министерството за образование во целост и на тој начин да ја засилат безбедноста на училиштата и гарантираат непречена настава на учениците“, велат од МВР.
Како што додаваат, веднаш по добиените пријави направени се сите потребни проверки и во врска со денешните пријави од училишта во Кочани, по добиените пораки на електронските адреси во Кочани и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
Наставата во првата смена во дел од кочанските основни и средни училишта денеска била прекината поради дојава за поставени бомби.
Ваква заканувачка порака утрово била испратена на електронската адреса на Општина Кочани.