МЗ: Воведена дигитална платформа за Листата на лекови – прв чекор кон целосна транспарентност и ефикасност во здравството
Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска промовираше нов електронски модул „Систем за евиденција и управување со барањата за Листата на лекови“, со кој за прв пат ќе се дигитализира постапката за ставање нов лек на позитивната листа, јавува ТВ21.
Како што информира Алиу на прес-конференција, модулот е изработен од Управата за електронско здравство во соработка со Секторот за фармација во Министерството за здравство, а ќе биде јавно достапен на интернет страницата на Министерството (www.lekovi.zdravstvo.gov.mk). Системот ќе стапи во функција веднаш по објавувањето на измените во прописите во Службен весник.
„Со воведувањето на овој е-модул за прв пат овозможуваме целосно електронско поднесување на барањата и потребната документација. Досега сè се доставуваше во хартиена форма, што ја отежнуваше и забавуваше постапката,“ истакна Алиу.
Министерството најавува дека со новиот систем се постигнува значителен напредок во дигитализацијата, но и транспарентност, бидејќи процесот ќе биде видлив преку јавен портал, со можност граѓаните и институциите да го следат напредокот во реално време.
Придобивките од модулот се повеќекратни: подобрено управување со барањата и зголемена ефикасност на постапката, намалување на административниот товар за фармацевтските компании, прецизна евиденција и полесен пристап до податоци, унапредување на пристапот на граѓаните до лекови од позитивната листа.
„Со овој чекор покажуваме дека дигитализацијата не е само техничка алатка, туку политичка определба за транспарентност, ефикасност и фер пристап. Ова е доказ дека здравството може да се движи напред со европски стандарди, без селективност и без привилегии,“ порача министерот Алиу.

