МЗТ СКОПЈЕ ПЕТТИ ПАТ СЕЗОНАВА ГО ИМА КОШАРКАРОТ НА КОЛОТО ВО АБА2
Кошаркарите на МЗТ Скопје синоќа, по две продолженија, дојдоа до исклучително значајна победа на гостувањето кај Рогашка (90-83), за која убедливо најзаслужен беше Ѓорѓе Милошевиќ, кој за својата фантастична партија денеска го доби и признанието за играч на колото во АБА2.
Српскиот интернационалец средбата ја заврши со 30 поени, 12 скока и три асистенции, односно со 39 индексни поени со што воедно го изедначи најдобриот индивидуален резултат во досегашниот дел од сезоната во второлигашкото регионално натпреварување. За Милошевиќ ова е второ вакво признание, откако беше МВП и пред две кола, по триумфот на составот од Аеродром на гостувањето кај Слобода Тузла.
За МЗТ Скопје, пак, ова е петти пат да го има најдобриот во рундата, откако покрај двете признанија на Србинот идентична чест добија и Нуни Омот во првото, Џабари Хиндс во второто и Дамјан Стојановски во третото коло.
Извор: Спорт1