|

ЈОСИФОВСКА ПОТПИШАЛА ДА СЕ ВРАТИ ПАСОШОТ НА КАМЧЕВ ПО НАЛОГ НА ЈАНЕВА

Со сослушување на сведокот Елизабета Јосифовска, која беше заменичка на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи рочиштето за случајот „Рекет“. Таа потврди дека го потпишала мислењето за издавање на времена патна исправа за Орце Камчев, обвинет во предметот на СЈО „Империја“, откако и било кажано дека тоа е по налог од Јанева. И било чудно зошто се брза со потпишувањето на документот со кој на осомничениот би му се овозможило да добие привремен пасош со важност од осум месеци.

„На 2. мај 2019 година го потпишав мислењето со кое се уважуваше предлогот на одбраната и тоа гласеше да се даде согласност на издавање времена патна исправа за осомничениот Јордан Камчев. Актот кој јас го потпишав, не дојде по вообичаен начин, туку на крај на работното време беше донесено во моја канцеларија од страна на стручен соработник кој работеше во тимот на Лиле Стефанова. Прашав што е тоа, ми кажаа дека треба да се даде позитивно мислење. Знаев дека Стефанова и Јанева беа отсутни, ја прашав стручната соработничка дали обвинителката Стефанова е запознаена, ми одговори „не“. Побарав да ми го донесе целиот предмет, тоа го направи стручното лице. Ја контанктирав и Сања Димовска шеф на кабинетот на специјалниот обвинител. Таа ми кажа дека е налог на специјалниот јавен обвинител и дека таквото мислење треба да се потпише“, рече Јосифовска.

Таа контактирала и со обвинителката Лиле Стефанова, која не била запознаена со таквото мислење. „Не се согласуваше со тоа, бидејќи постоела реална опасност осомничениот Камчев да побегне, затоа што имаше двојно државјанство. Реков дека мора да потпишам. Повторно комуницирав со Димовска, повторно ми одговори дека тоа е мислење по налог на специјалниот јавен обвинител и јас го потпишав“, рече Јосифоска.

Таа како и сите останати во СЈО биле збунети кога Јанева побарала да им биде одредена поблага мерка куќен притвор на обвинетите во „Империја“.

„Во декември 2018 година бевме повикани во канцеларијата на Јанева. На состанокот присуствуваа поголем број обвинители. Се расправаше за тековни прашања. Претходно обвинителката Лиле Стефанова достави предлози за одбивање на желбите и утврдување на притворот на осомничените во „Империја“. Специјалната обвинителка и кажа на Стефанова да ги преработи материјалите и притворот да биде заменет со куќен притвор. Реагираше колешката Стефанова и нагласи дека тоа негативно ќе влијае на истрагата. Сепак, специјалната обвинителка кажа дека тоа е неопходно поради процесот. Знам дека тогаш се спомнаа три-четири лица меѓу кои Јордан Камчев, Цветан Панделески и Сашо Мијалков. Се сеќавам дека на друг состанок кај шефицата на СЈО од колегите Стефанова и од Бурим Рустеми побара да направат пресметка обвинетите да ја платат штетата кон државата и со тоа обвинетите во „Империја” да не одат во затвор“, рече Јосифовска.

Следното рочиште е закажано за 20 јануари на кое како сведоци треба да се појават обвинителката Лиле Стефанова, Бурим Рустеми и Сања Димовска некогашна шефица на кабинетот на Јанева.



Слични Објави