На 89 години почина Паоло Булгари, еден од наследниците на италијанската куќа за накит „Булгари“
Италијанскиот претприемач Паоло Булгари, кој заедно со брат му Никола го прошири семејниот бизнис со накит, почина на 89 години, јавија италијанските агенции АНСА и „Аднкронос“, повикувајќи се на семејството, пренесува БГНЕС.
„Си замина најголемиот златар на нашето време“, порача неговото семејство. Погребот ќе се одржи на 23 ноември во 11 часот во базиликата „Санта Кроче ин Џерусалеме“ во Рим.
Паоло бил внук на Сотирио Булгари, мајстор за изработка на сребрени предмети, кој во 1884 година ја отворил својата прва продавница во Рим. Во 1987 година Паоло станал потпретседател на компанијата, а неговиот брат Никола ја презел претседателската функција. Под нивно раководство, покрај накит, „Булгари“ почнал да нуди и часовници, кожени додатоци и парфеми. Во 2011 година семејството го продало контролниот удел на француската групација ЛВМХ.
Сотирио е роден во Каларитес, во областа Епир, на територијата на денешна Грција. Во текст објавен во 2024 година, по повод 140-годишнината на „Булгари“, францускиот весник „Фигаро“ ја споменува можноста неговото семејство да се доселило во Епир од Бугарија.
Во 2019 година Паоло Булгари основал фондација што им помага на децата и младите од периферните населби на Рим да добијат подобар пристап до образование.
