Националната галерија во Софија ја презентира уметноста на Захари Зограф преку новите технологии
Националната уметничка галерија на Бугарија ја презентира својата прва имерзивна изложба, посветена на една од најзначајните фигури во историјата на бугарската уметност од времето на Преродбата– Захари Зограф, јавува Радио Бугарија.
Новата форма на уметничко доживување, создадена од „Сензор студио“, трае 20 минути и со помош на современи технологии ги репродуцира неговите религиозни и светски ремек-дела, како и елементи од творечкиот процес на уметникот.
Во изложбата се вклучени негови икони, цртежи, светски портрети, фрески, писма и документи.
Експозицијата, која се отвора денес и ќе биде достапна до 30 јануари, е инспирирана од стремежот да се популаризира уметноста на бугарската Преродба – период на економски, општествен и културен подем, нераскинливо поврзан со борбата за црковна и национална независност.
Захари Зограф (1810–1853) претставува клучна фигура во преминот од црковно кон светското сликарство, во процесот на европеизација на бугарската уметност. Тој создава портрети, растенија, животни, актови, пејзажи и антички руини, а во црковните фрескоживописни ансамбли воведува ликови на бугарски и словенски светци.
