| |

Националниот дворец на културата во Софиja беше осветлен во розево по повод стартот на кампања за борба против ракот на дојка

Во Бугарија започна национална кампања под мотото „Самопрегледај се! Раната дијагностика може да го спаси твојот живот!“ со цел да се подигне свеста за важноста на месечното самопрегледување и правилното извршување на оваа процедура, јавува Актуално.

„Само 12% од дијагностицираните случаи на рак на дојка кај нас се откриени во рана фаза, кога успешноста на лекувањето е 97%. Затоа сакаме да ги охрабриме жените да се самопрегледуваат секој месец, за да можат, ако забележат промени, веднаш да се обратат кај специјалист за дијагностика“, изјави д-р Јордан Спирдонов од УМБАЛ „Царица Јоана – ИСУЛ“, иницијатор на кампањата.

Во знак на солидарност, Националниот дворец на културата беше осветлен во розова боја – симбол на борбата против рак на дојка, а жените од тимот на НДК носеа розови панделки како традиционален симбол.

Кампањата започна со проекција на документарниот филм „Цвете во бура“, кој ги раскажува инспиративните приказни на пет жени, нивните стравови, сила и надежи. Филмот е со учество на Ана Пападопулу, музика на Марија Каракушева и режија на Мартин Граховски и Петар Тухчиев.

Дополнително, кампањата ќе вклучува дистрибуција на брошури со упатства за самопрегледување во болници и медицински центри низ земјата, како и поставување информативни плакати во одделенијата за дијагностика. На социјалните мрежи ќе се споделуваат кратки видеа и илустрации за правилно самопрегледување.

УМБАЛ „Царица Јоана – ИСУЛ“ ќе нуди бесплатни тестови за туморскиот маркер CA 15-3 за жени кои веќе се дијагностицирани со рак на дојка, во периодот од 22 до 25 април 2025 година, од 9:00 до 11:00 часот, без претходно закажување. Жените треба да носат епикриза која го потврдува нивното заболување.



Слични Објави