|

„Не бараме преку леб погача туку само она што ни следува“, протест на вработените во Царина

Предупредувачки протест одржаа денеска вработените на Царинската управа. Тие го бараат додатокот на плата од 30 проценти кој веќе го имаат во Колективниот договор, бидејќи исто како и вработените во УЈП, според Законот за буџети, вработените велат дека ова право им следува.

„Со Законот за буџетите и со автентичното толкување на членот 66 од овој Закон, Министерството за финансии и сите органи во министерството за финансии добија додаток на плата во висина од 30%. Иако, Царинската управа е орган во состав на Министерството за финансии и се понадевавме дека конечно и на вработените во Царината ќе им се исплати овој додаток, одговорот повторно беше негативен“ рекоа тие.

Вработените во Царинската управа, одлучија да го изразат револтот на мирен начин, за време на пауза и да не се нарушува работниот процес со цел граѓаните на Р. Македонија да можат да патуваат, а приватниот сектор и стопанството да имаат слободен увоз и извоз на стока.

„Со оглед на тоа што Царинската управа има нов директор, Синдикатот на УПОЗ очекува ова да биде негова прва работна задача и сме спремни да оствариме работна средба на која ќе договориме рокови за решавање на овој проблем. Нашето барање е праведно и правично, законски издржано и како што вика нашиот народ не бараме преку леб погача туку го бараме само она што ни следува“, велат вработените во Царинска управа.

Слични Објави