(Не)промислена забрана

//

Fb статус на Никица Корубин

“Забрана” е најспоменуваниот збор деновиве. И сите модалитети на истата. Организирано и оркестрирано сите се занимаваат со “забраната”. Од медиуми, преку “јавноста” и “експертите” до високи политички функционери. Како да се забрани ante и post festum, ретроактивно и за во иднина, а ако може веднаш и сега.

Во време на тековен скрининг процес на ЕУ, нашата матрица на размислување авторитарна и со примеси на тоталитарни или пост-тоталитарни рефлекси. Па, кога тоа заборавивме дека сме парламентарна демократија, со важечки устав со поделба на власти, каде слободата на мисла и изразување е еден од темелните постулати? Како тука, воопшто се вклопува “забраната”?

На страна што ниту една забрана не е решение за било кој проблем, туку кој е воопшто “проблемот” кој треба да се “забрани”? Со напомена дека законската регулација на санкции во било која област, се однесува на општата и личната безбедност и нормално функционирање на едно општество. Секоја друга форма на забрана, навлегува во основните човекови права, кои се регулирани и со нашиот устав.

Да се вратиме на “проблемот”. Што е проблемот, за кои сите бараат “забрана”? Проблемот се имињата на два културни клуба. Токму така, проблемот се имињата, кои треба да бидат забранети. А, не дејноста. А, само таа може да се цени. Дали дејноста и активноста е противзаконска, противуставна и го нарушува и загрозува општиот поредок?
Или тоа е небитно во популистички-политикантската хајка, со опасни преседани на поставување на “забрани” од нејасни мотиви. А, потоа во тие “мотиви” и општи формулации “јавноста е вознемирена” може да се воспостави било каква забрана, по било каква основа. Многу работи ја вознемируваат нашата “јавност” дали тоа значи дека сезоната на забрани е отворена?
Занимавањето со формата, наместо со суштината е омиленото поведение во политичкиот и јавниот живот кај нас, низ годините. Но, леснотијата со која се посегнува по “забраната” и лефтерноста и површноста со која се извикнува “да се забрани” последните месеци, говори за јасниот судир на контролираната “јавност” со вистинската јавност и неконтролираната слобода на говор.



Дека слободата на говор била и е употребувана како чиста флоскула, а уставот и законите третирани како нужно зло; доаѓа до израз во моментот кога се губи (апсолутната или релативната) контрола врз јавниот дискурс. Може “слобода на говор” ама ако е контролирана и насочена. А, ако не е, тогаш следи “забрана”. Тоа ли е таа тоталитарно-авторитарна матрица, облечена во руво на демократија? Слобода на говор и изразување по “наша мерка”.

И затоа ако “забраната” е репер, лежерноста и индиферентноста кон неа се аларм. Аларм за иманентната недемократска свест, со која мора да се соочиме, а преку тоа и да созрееме во вистински демократско општество. Затоа што се’ додека слободно повикуваме на забрана, забораваме дека токму слободата да повикуваме и да го искажуваме сопственото мислење, ни го овозможува токму системот на демократија, во нашиот случај парламентарна демократија.

И тука нема место за “забрана” како рефлексна реакција, а особено не како средство и алатка за манипулација и контрола. Промислена и избрана како последно или едно од последните оружја за задржување на состојба на скандализирано и проблематизирано општетсво. Проблематизирано од нас самите, а во име на лажната одбрана. А, единствената одбрана која ни треба, е одбраната на демократијата и европската сегашност и иднина. Тоа ли треба да биде забрането?

Претходна статија

Д-р Милен Врабевски ќе ја покрие штетата од вандалскиот напад врз клубот „Цар Борис III“ во Охрид

Следна статија

Д-р Врабевски: Луѓето како мене се препознаваат по делата, јас и мојот тим работиме за соработката меѓу Бугарија и РС Македонија

Најново од Ваш став

Денот на булките

Facebook статус на Никица Корубин Деновиве во Велика Британија се сеќаваат на жртвите од Првата светска