|

Нема да имате евтина струја од 1 декември ако не дозволите читање на броилото, ЕВН апелира за непречен пристап на читачите  

Евтината тарифа на струјата во периодот од 13 до 15 часот, која се враќа од 1 декември, ќе им биде достапна на домаќинствата што имаат ‘смарт’ броила и кај оние што ќе овозможат непречен пристап на читачите на броилата од ЕВН, кои заедно со читањето ќе вршат и сетирање за новата тарифа.

Сашо Салтировски, директор на „ЕВН Електродистрибуција“, денес, по посетата на лабораторијата за тестирање на броилата во Бутел, апелира корисниците да обезбедат пристап до струјомерите доколку сакаат да ја користат евтината струја.

„При крај сме со подготовките, како што ветивме, до 1 декември сè ќе биде подготвено. Некои од броилата се ‘смарт’, таквите ќе ги приспособиме, што би се рекло, преку ноќ и веќе од 1 декември 200.000 корисници ќе имаат сетирани тарифи, а другите би биле во текот на месецот. Многу ќе зависи од потрошувачите. Ги замолувам сите граѓани броилата да бидат достапни, да може нашите читачи да ги прочитаат бидејќи во текот на читањето се прави сетирањето на броилата. Сите оние што ќе бидат достапни во текот на декември ќе бидат сетирани. Тоа најмногу ќе зависи од достапноста на броилата“, рече директорот Салтировски.

Броилата се читаат еднаш месечно и оние што ќе бидат достапни веднаш ќе бидат приспособени за евтината струја и преку ден.

„Тоа оди оптички, се оди со еден уред од броило до броило и при читањето софтверот ги сетира“, појасни директорот Салтировски.

Во Арачиново, кое изминативе години беше еден од најголемите неплаќачи на струја, Салтировски вели дека броилата се веќе извадени на улица, загубите се сведени на 10 проценти во јуни и јули, што се смета за техничка загуба и кај нив сетирањето за евтината денска тарифа ќе биде веднаш направено.

Салтировски рече дека екипите на ЕВН работат насекаде во земјата и оти загубите се проблем насекаде.

„Скопје е регион со најголеми загуби. Тетово има помали загуби од Битола. Тоа не е секогаш поврзано етнички како што беше прикажано. Кичево и Струга имаат мали загуби, во Скопје загубата на струја е 20 %. Дали сте во Лисиче, дали сте во Драчево, особено во руралниот дел, каде што нема колективни згради, секаде има загуба“, рече директорот Салтировски.

Проблемите се надминати и во општина Липково за која Салтировски вели дека ќе биде првата општина во земјата целосно покриена со ‘смарт’ броила.

Евтината струја преку ден беше укината од 1 јануари 2022 година кога беа воведени блок-тарифите.

Слични Објави