Нема директна воена закана за Бугарија, институциите се наоѓаат во зголемена подготвеност поради конфликтот во регионот
Владата ја следи ситуацијата. Главниот приоритет е гарантирањето на националната безбедност и безбедноста на бугарските граѓани во регионот. Нема директна воена закана за Бугарија. Кон овој час нема воена закана за територијата на Бугарија. Ние не сме страна во конфликтот, изјави бугарскиот премиер Андреј Ѓуров, пренесе БГНЕС. Ние не учествуваме на никаков начин во воената операција, појасни Ѓуров.
Тој додаде дека од Бугарија не е побарано обезбедување на било што за борбени дејства. Нема никакви ризици за животот, здравјето и спокојството на граѓаните во земјата. МВР и службите презедоа превентивни мерки за гарантирање на јавниот ред, нема основи за загриженост. Во МНР работи деноноќен кризен штаб. Ги повикуваме нашите сонародници во Иран и соседните држави строго да ги следат инструкциите на локалните власти и МНР. Го анализираме ризикот од засилување на миграцискиот притисок, граничните служби се во зголемена будност, државните институции работат во целосна синхронизација, рече Ѓуров.
Министерот за одбрана Атанас Запрјанов изјави дека нема директна воена закана, ние не можеме да бидеме директна цел за Иран, ние не учествуваме во оваа операција, не е можно да бидеме таргетирани како држава што активно учествува во операцијата, категоричен е Запрјанов.
Министерката за надворешни работи Надежда Нејнски соопшти дека вкупно 11 400 се бугарските граѓани кои престојуваат во регионот на воениот конфликт. Ги реализиравме плановите за евакуација и подготвуваме уште планови, разговараме со Азербејџан за преминување преку копнената граница за евентуална евакуација ако се наложи, појасни Нејнски.
Ѓуров истакна дека испораките на горива во следните месеци за Бугарите се обезбедени. „Постојат разработени алтернативни траси дури и за енергетски извори, кои да не дозволат кризата во регионот да се одрази врз испораките“, појасни Надежда Нејнски.
