НЕНУЖНА И ЗАКАСНЕТА ВИЗИТА

Смешно би било, кога не би било толку трагично, да чуете вест дека Зоран Заев го испраќа Љубчо Георгиевски во некаква “помирителна и објаснувачка“ мисија во Софија, за тој, преку своите врски и со својот несомнен авторитет во македонско- бугарските односи, ги изглади недоразбирањата околу работата на мешовитата македонско-бугарска комисија. Кај оние кои се подобро упатени во работите, оваа вест предизвика зачуденост и збунетост, пред се заради подгревањето на некакви неосновани надежи дека нештата ќе се променат. Георгиевски му доаѓа нешто како “Деус екс машина“, магично стапче на маѓесникот во меѓунационалните и државните односи меѓу нас и Бугарија, магично стапче долго чувано во некои темни и скришни места.

Реалноста е многу, многу поразлична. Македонија и Бугарија се наоѓаат  во фаза на жестока идејна, идеолошка и внатрешнонационална борба за докажување на својата превасходност на европските и светските духовни пространства. Амбициите на македонската страна се огромни. Прво сакавме да бидеме наследници на целата антика, но откако Грците ни ги поткастрија крилјата, сега сакаме да бидеме носители на православната цивилизација во целиот христијански свет. Околу тоа се борбите за светите Кирил и Методиј, а специјално за светиот Климент Охридски. Ако Македонија ја добие таа борба, воскреснува од антички мртовец во национален авторитет во регионот и пошироко. Истовремено, Бугарија се збогува со својата 1.300 годишна традиција на речиси единствената земја, која покрај сите несреќи, војувања и робства, го задржала своето оригинерно име и ја продолжила националната и државотворна историја.

Дури и предлогот за постоење на кохерентна македонска нација по 2 август 1944 година (макар и коминтерновска) е кусогледа отстапка на бугарската политика. Ако е така, зарем сега, одново, Бугарија ќе ги жртвува сите оние кои беа судени по основа на расистичкиот закон за “македонска национална чест“ кога истите не се ни чувствувале национално како македонци. Бугарија одново се откажува од судбините на личностите од “аферата за тројцата доктори“ (Терзиев, Тренчев и Иванов) и одново замижува над судбините на жртвите на организацијата “Илинден 903“. Сите оние кои останале живи после погромите во титовите зандани ги познавав лично, но за нивните судбини, најдобро ќе биде да се потсетиме на д-р Константин Терзиев, ликвидиран од македонските комунисти во затворот Идризово. Терзиев е припадник на автономистичката ВМРО, потоа станува федералист, за на крајот да премине на српска страна и да стане српски/кралски функционер во Земун и уредник на списание. За време на Втората светска војна Земун е под хрватска управа на Анте Павелиќ и на НДХ. Терзиев по некаков начин моли милост од Ванчо Михајлов кој тогаш е во Загреб и овој на еден елегантен начин му ги простува гревовите. По војната Терзиев формира тајна организација а на судот изјавува дека тој е бугарин и дека организацијата ја формира во соработка со Ванчо. Затоа е суден и стрелан. Во своите спомени Михајлов тврди дека никогаш не му дал таква задача на Терзиев, но тврди дека сепак бил голем бугарин и како и сите ние, полн со мани и доблести. Зарем сега одново некој ќе се откажува од него и од другите судени и умрени за бугарскта идеја во Македонија…тие не беа бугарофили, тие беа вистински бугари од Македонија. Бугарофили се некои како мене и споменатиот Георгиевски, неписмени на бугарска писменост и јазик, необразовани на бугарската култура и традиции и со тешка говорна мана при комуникацијата со Бугарите од “царството“…

Мисијата на Георгиевски во Софија е безнадежна, не сакам да кажам дека е безумна но е блиску до едно политичко безумие. Веќе сто и повеќе години секоја генерација во Македонија (и во Бугарија) ја води за сопственото и меѓународното себепотврдување. До пред едно десетилетие, судбината беше милозлива и наклонета кон србите/македонците/југословените во таа борба. Сега времето се промени и новата генерација на македонските патриоти треба да го испие “горкото апче“ на себепрепознавањето. Затоа мисијата на Георгиевски е безнадежна. Времето е против него. Тој е политичар од минатата генерација, а неговиот успех во договорот Георгиевски-Костов е колосален, вонвременски и со долгосрочни привилегии за двата народа и двете држави. Денес тој го нема нити капацитетот нити количината на гласови и поддршка за да може да говори со релевантна сила, достојна за почит. Зад него стои и машинеријата на СДСМ и Заев, но поделбите во таа партија по однос на “бугарското прашање“ се толку евидентни, што би било подобро да се дистанцита од нив, а да преговара само со силата на сопствениот авторитет…

Ете затоа овој пат “историјата од драма, се претвора во фарса“…

Автор: Владимир Перев