| |

Нето-приливот на странски директни инвестиции во Бугарија надмина две милијарди евра за пет месеци

Нето-приливот на странски директни инвестиции во Бугарија надмина две милијарди евра во првите пет месеци од годината, покажуваат најновите официјални податоци, пишува бугарскиот дневен весник Стандард. Тоа претставува четирикратно зголемување во споредба со истиот период минатата година.

Промена е забележана и во структурата на инвестициите. За разлика од претходните години, кога значителен дел од странскиот капитал бил насочуван кон недвижности и трговски објекти, сега средствата во поголема мера се реинвестираат директно во производството.

Меѓу земјите од кои доаѓаат водечките инвестициски текови се Луксембург, Швајцарија и Холандија. Капиталот од овие држави е насочен кон развојот на бугарската индустрија и логистика, во услови на сè поголема примена на вештачката интелигенција и преструктуирање на синџирите на снабдување во Централна и Источна Европа.

Како еден од главните фактори за зголемениот инвестициски интерес се посочува отстранувањето на валутниот ризик по целосната интеграција на Бугарија во европскиот финансиски простор. Тоа придонесува за подобрување на кредитниот рејтинг на бугарскиот пазар и за поголема сигурност за странските претприемачи.

Промените се забележуваат и на корпоративно ниво. Дел од бугарските компании бележат раст и почнуваат поактивно да преземаат големи брендови на западноевропските пазари.

Во услови на засилен прилив на капитал, како клучно прашање се наметнува капацитетот на бугарската инфраструктура да го издржи забрзаното темпо на инвестиции.



Слични Објави