| |

„НЕЗАВИСНИТЕ“ ВЕЌЕ НЕМА ДА ЗАВИСАТ ОД „БОМБИТЕ“- ТИЕ ВЕЌЕ СЕ ИСТОРИЈА

Независните пратеници кои излегоа од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, најверојатно, ќе го обезбедат двотретинското мнозинство и за законот за јавно обвинителство, слично како и за уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор.

Пред почетокот на седницата на владата, на која треба да се утврди конечниот текст на законот и да се достави до парламентот, независните пратеници објавија дел од договорот што го постигнале со владејачкото мнозинство, во однос на новото законско решение:

1. Јавниот обвинител кој ќе раководи со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да биде избран со непосредно гласање на сите обвинители;

2. По завршената академија обвинителите да мора три години да бидат во основни обвинителства;

3. Дефинирана е дисциплинската постапка за да не може да биде злоупотребена;

4. Јавното обвинителство повеќе не може да заснова обвинение врз основа на незаконски прислушкувани материјали;

5. Согласно забелешките на сите присутни експерти на јавната расправа во однос на преносот на надлежностите од СЈО во ОЈО, а во духот на времениот карактер за кој СЈО беше формирано, предложивме преземање на предметите од јавните обвинителства согласно надлежностите утврдени со овој закон;

6. Обвинението за случаите „Талир “1 и „Талир 2“ (за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ и за изградбата на партиското седиште н.з.), поднесени по законскиот рок, се обвиненија во кои отпаѓаат незаконски прислушкуваните материјали, и со тоа ја исправаме неправдата, односно даваме фер шанса сега без незаконски прислушкуваните материјали да ја докажат невиноста и неаргументираноста за постоење на овие случаи;

7. Предложивме уништување на незаконски прислушкуваните материјали, на прецизен начин, јасно опишано во овој закон;

8. Го прецизиравме рокот за конечно одлучување по жалби;

9. Собранието на Северна Македонија до отпочнување на примената на овој закон (30.06.2020 г.) ќе го усогласи кривичното законодавство со европските стандарди, при што во преодните одредби ќе ги наведе броевите на членовите од новиот закон кои кореспондираат во членовите од Кривичниот законик;

„Нашите искрени намери во овој период беа да се најде решение со кое ќе се обезбеди функционирањето на принципот на владеењето на правото, согласно европските вредности и со цел да се оневозможи реваншизам, а да се овозможи правда. Апелираме ВМРО ДПМНЕ да даде конструктивни и издржани амандмани кои заедно ќе ги поддржиме и во интерес на граѓаните да донесеме законско решение во духот на градењето доверба во создавањето правна држава и дополнително заедно да и помогнеме на нашата држава во евроатланските процеси“,

се наведува во соопштението на независната пратеничка група.



Слични Објави