Никица Корубин за БГНЕС: Во Македонија 70 години има антибугарска кампања, антиевропските протести беа прикриени позади заштитата на идентитетот
Парадокс е што на почетокот на преговорите со ЕУ – датум што го чекаме 30 години, кој бележи пресврт и е нешто извонредно во модерната историја – имаме антиевропски протести.
Ова го вели поранешната пратеничка и научник Никица Корубин во интервју за БГНЕС.
Овие антиевропски протести со месеци се криеја зад параванот на заштитата на идентитетот, што всушност е создавање на антибугарски чувства. Тие не се создадени само последниве месеци, туку, за жал, се создавани во општеството веќе 60-70 години. Тоа нè доведе до ситуација да паднат маските, да видиме што точно значи европската перспектива и како таа е сфатена од многу јавни личности, рече таа.
На прашањето дали македонското општество ќе може да создаде свој Илинден – првиот Илинден, кој ќе биде со чист македонски карактер и кој нема да биде оспоруван како Илинден 1903 година и идеолошки оптоварен како оној од 1944 година (АСНОМ), Корубин изјави дека нема проблем со кој било од споменатите датуми.
„Ова се важни одредувачки фактори за она што го нарекуваме континуитет во државноста на денешна Република Северна Македонија: Илинден од 1903 година, АСНОМ од 1944 година, независноста од 8 септември 1991 година. Според мене, најголемиот празник е 8 септември 1991 година, бидејќи тогаш беше прогласена независноста на државата. Ако нема почит кон нашата земја и чувство на припадност на државата, нема да можеме да зборуваме за некаков континуитет ниту со Илинден, ниту со АСНОМ“.
Главниот проблем е што сите важни датуми и сите важни историски личности во Македонија се перципираат изолирано еден од друг, а историјата не се гледа како целина.
„За да ги разбереме сите овие празници и овие датуми, треба да знаеме што нè доведе до нив: каков беше контекстот во 1903 година, што ги натера нашите предци да размислуваат на овој начин, што доведе до 1944 година и што доведе до 1991 година? Кога ќе се навикнеме да гледаме на историјата како целина, тогаш нема да ги имаме проблемите што ги имаме денес“.
Според Корубин, недостатокот на доверба често нè води во конфликтни ситуации.
„На пример, постојаното повторување дека некој го потценува нашиот идентитет води до ова. Идентитетот не е само лична категорија – тој е многу сложен и никој не може ниту да ви го даде ниту да ви го одземе. Тоа е вашата сопствена свест за тоа кои сте и што сте. Овој недостиг на доверба нè стави во состојба на постојан конфликт со сите наши соседи освен еден“.
Историјата не е наше разбирање за тоа како се случиле работите, вели Корубин. Историјата е таква каква што е – не можеме да ја промениме, мораме да ја проучуваме. Да ја проучуваме, врз основа на факти и на реални параметри, да ја открие вистината за да ја разбере сегашноста.
Целото интервју со Никица Корубин прочитајте го на BGNES.BG