НИНО ТОДОРОВ ВО СВОЈАТА НАЈНОВА КОЛУМНА ЗА ДОЈЧЕ ВЕЛЕ ГО ФАЛИ СВОЈОТ ПОРАНЕШЕН СОВЕТНИК ВЕНКО ФИЛИПЧЕ
Два настана посебно ме погодија изминативе две недели. Многу позитивно ме трогна фактот што на државната кардиохирургија за прв пат во историјата на македонското здравство и македонската државност се изврши трансплантација на срце.
Длабок поклон до семејството на дарителката, кое овозможи да се спасат други три животи и да се напише убава историја на македонското здравство.
Министерството за здравство покажа одлична организираност, но и големина да ги вклучи сите авторитети во областа на кардиохирургијата, анестезијата и урологијата во овој сериозен здравствен потфат.
Оваа успешна трансплантација на срце не направи сите горди, ја зголеми самодовербата на нацијата и дополнително го зацврсти темелот на нашата државност.
Посебно сум среќен, но и горд, што првата трансплантација на срце се направи на државната кардиохирургија. Беше исклучително тешко да се основа и да профункционира државната кардиохирургија.
Се сеќавам многу добро на нејзините почетоци. Практично се боревме против ветерници при нејзиното основање иако навидум сите мечтаеа да се основа државна клиника за кардиохирургија повеќе од 50 години.
Се сеќавам дека првата операција на државната кардиохирургија ја направи доктор од Италија, а од наша страна му асистираше Д-р Јовев. Беше 19 март 2014 година, само два месеци од денот кога ја основавме клиниката за државна кардиохирургија и се беше подготвено за првиот пациент.
Да бидам искрен, се беше подготвено за успешно да се заврши првата кардиохируршка операција во јавното здравство, но и се беше подготвено да се минира основањето на клиниката и нејзиното успешно функционирање. Докторот кој требаше да ја изврши операцијата, откако го прегледал пациентот, побара прием кај мене и ме извести дека станува збор за исклучително сложен случај со големи шанси пациентот да не ја преживее операцијата.
Во еден дел од колумната Тодоров пишува: Знам некои повторно ќе негодуваат и навредуваат бидејќи повторно му честитам на Филипче и го славам успехот на македонскиот здравствен систем. Но, јас сум таков опозиционер, знам да честитам кога е нешто добро, но знам и да критикувам кога е нешто лошо, но притоа да дадам предлог како сметам дека ќе биде подобро.
Целата колумна можете да ја прочитате на Дојче Веле на македонски јазик на линкот во продолжение dw.com/mk/трансплантација-на-срце-и-паркинг-наместо-клинички/a-53583602

